СЗО признава дека пандемијата е при крај

Светот може да ѝ стави крај на пандемијата со коронавирусот оваа 2022 година, но, „колку подолго трае нееднаквоста, толку подолго ќе трае пандемијата“, преупреди првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус во своето новогодишно обраќање на ЛинкдИн. Тедрос за првпат е оптимист во врска со короната.

„Две години по почетокот на пандемијата, алатките достапни за борба против ковид-19 сè уште се нерамномерно распределени низ светот“, напиша Тедрос и додаде:

„Ако ставиме крај на нееднаквоста, ќе ставиме крај на пандемијата и глобалниот кошмар што сите го доживеавме. И тоа е можно“.

Шефот на СЗО рече дека организацијата ќе работи со владите во целиот свет за да се даде приоритет на испораката на вакцините и на глобалните иницијативи како што се COVAX и AVAT, со цел да се вакцинираат 70 отсто од луѓето во сите земји до средината на 2022 година.

„После две години, сега добро го познаваме овој вирус. Ги знаеме докажаните мерки кои го контролираат преносот: користете маски, избегнувајте гужви, одржувајте физичко растојание, одржувајте хигиена на рацете, отворете ги прозорците за вентилација, тестирајте и следете ги контактите. Со сите овие учења и капацитети, можноста да ја претвориме оваа пандемија на подобро е во наши раце“, напиша шефот на СЗО.