Вкупно 780 лабораториски потврдени случаи се пријавени во 27 земји каде болеста не е ендемична, соопшти во неделата Светската здравствена организација, оценувајќи дека ризикот од нив е умерен во светот.
Овој број секако е потценет поради ограничените епидемиолошки информации и „многу е веројатно дека другите земји ќе откријат случаи и дека ќе дојде до ново ширење на вирусот“, додава СЗО, а пренесува Хина.
Пријавени се мал број хоспитализации, а пациентите се сместени во изолација.
Земјите каде болеста не е ендемична, а пријавени се најмногу случаи се: Велика Британија (207), Шпанија (156), Португалија (138), Канада (58) и Германија (57). Случаи се пријавени и надвор од Европа и Северна Америка – по еден – во Аргентина, Австралија, Мароко и Обединетите Арапски Емирати.
„Иако сегашниот ризик за здравјето на луѓето и општата јавност е низок, ризикот за јавното здравје може да се зголеми доколку вирусот ја искористи можноста да се вкорени во неендемични земји како раширен човечки патоген“, објави агенцијата на ОН во новата проценка на болеста.