СЗО: Се вративме онаму каде што бевме пред една година

Моментално во Европа и Централна Азија 53 земји се соочуваат со потенцијална закана од повторно оживување на пандемијата на коронавирусот, а тоа се очекува и во наредните седмици, додека пак во некои од земјите веќе е присутен новиот бран на инфекцијата, предупредил шефот на СЗО за Европа Ханс Клуге.

Тој исто така изјавил дека на бројот на нови случаи на коронавирус му се заканува повторно да го достигне рекордното ниво, а трансмисијата предизвикува сериозна загриженост.

-Се наоѓаме на уште една критична точка на повторно оживување на пандемијата. Европа се врати во епицентарот на пандемијата, каде што беше пред една година, изјавил Клуге за новинарите во седиштето на СЗО за Европа.

Голема разлика е тоа што моментално повеќе се знае за коронавирусот и што здравствените власти имаат подобри алатки за борбата против него.

Меѓутоа, голем проблем претставуваат попуштањето на мерките во одредени држави, како и нискиот процент на вакцинирани луѓе, што повторно доведува до зголемен број на новозаразени.

Клуге изјавил дека стапката на хоспитализирани луѓе поради Ковид-19 во 53 земји од регионот се дуплирала во текот на изминатата седмица и дека доколку тој тренд продолжи во тој регион може да има уште 500.000 смртни случаи како последица на пандемијата до февруари.

Овој регион, како што наведува Клуге, забележал речиси 1,8 милиони нови случаи неделно, што е зголемување од околу 6,0 отсто во однос на претходната седмица и 24.000 смртни случаи неделно од Ковид-19 што е зголемување од 12 отсто.

Клуге укажал и дека земјите во регионот во „различни фази воведуваат вакцинација“ и дека во регионот во просек 47 отсто од луѓето се целосно вакциниран.

Во само осум земји 70 отсто од популацијата е целосно вакцинирана.

-Доколку достигнеме 95 отсто универзална употреба на заштитни маски во Европа и Централна Азија би можеле да спасиме 188.000 животи од половина милион животи кои можеби ќе ги изгубиме пред месец февруари 2022 година, изјавил Клуге.