СЗО: Сите контакти да се тестираат, без разлика дали имаат симптоми или не

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека сите лица кои биле во контакт со инфицирани со Ковид-19 треба да бидат тестирани, без разлика дали покажале симптоми или не.

Ова е препораката на експертите на СЗО, прашани на прес-конференција за состојбата во САД, каде епидемиолозите оценија дека тестовите не се потребни за оние кои немаат симптоми на болеста.

Како одговор на прашањата на новинарите на оваа тема, епидемиологот на СЗО, Марија Ван Керхове не ја коментираше состојбата во САД, но рече дека агенцијата на ООН препорачува, доколку е можно, сите „контакти да бидат тестирани, без оглед на развојот на симптомите“.

„Знаеме дека луѓето кои имаат симптоми го пренесуваат вирусот и исто така знаеме дека луѓето кои немаат симптоми можат да го пренесат вирусот“, рече таа.

Таа ја истакна важноста на тестовите, кои треба да се користат за пронаоѓање активни случаи и нивно изолирање, како и за пребарување на нивните контакти.

Промената во упатствата беше дискретно направена и објавена на веб-страницата на Центарот за превенција и контрола на болести (ЦДЦ), а медиумите предупредуваа на влијанието на Белата куќа врз таа одлука.

Претседателот Доналд Трамп постојано оценуваше дека неговата земја треба да тестира помалку и дека тестовите даваат лоша слика за управувањето со пандемијата на коронавирус во САД.