СЗО скептична за ефикасноста на четири лекови за ковид-19

Лековите ремдесевир, хидроксихлорохин, лопинавир и интерферон немаат речиси никакво влијание врз смртноста на пациентите при лекување од ковид-19, објави „Фајненшл тајмс“ повикувајќи се на студија на Светската здравствена организација (СЗО).

Се работи за четири од најнадежните режими на третман на ковид-19 досега, а студијата се базира на тестирање на 11 266 хоспитализирани пациенти во рамки на меѓународно клиничко испитување „Солидарити“ на Светската здравствена организација.

Меѓу нив е третманот со ремдесивир, кој руското Министерство за здравство ќе го вклучи во клиничката пракса и препораките за третман на инфекцијата.

Како што е наведено во студијата, овие лекови не го намалуваат ризикот од смрт од ковид-19 и не го намалуваат бројот на пациенти на кои им е потребна интензивна нега.

Од почетокот на пандемијата, според податоците на СЗО, во светот се потврдени речиси 38,4 милиони случаи на ковид-19 и повеќе од милион починати.