СЗО: Светот не е ни близу до создавање имунитет на коронавирусот

Светската здравствена организација (СЗО) тврди дека светот не е ни близу до критична маса за да создаде „имунитет на стадото“, каде што доволно од светското население би имало антитела за да го спречи ширењето на коронавирусот.

„Имунитет на стадото“ обично се постигнува преку вакцинација, а повеќето научници проценуваат дека најмалку 70 проценти од населението треба да има антитела за да спречи епидемија.

Сепак, некои експерти сугерираат дека дури и ако половина од населението има имунитет, тоа би можело да создаде заштитен ефект, пренесува Фена, повикувајќи се на АП.

Шефот на одделот за итни случаи на СЗО, Мајкл Рајан во голема мерка ја отфрли теоријата на брифингот денеска, велејќи дека „не треба да живееме во надеж“ за да се постигне „имунитет на стадото“.

„Како глобално население, ние не сме никаде близу нивото на имунитет што е потребно за да се запре пренесувањето на болеста“, рече тој.

„Тоа не е решение и особено не е решение што треба да го бараме“, додаде Рајан.

Повеќето истражувања спроведени досега покажуваат дека само 10 до 20 проценти од луѓето поседуваат антитела.

Брус Ајлард, советник на генералниот директор на СЗО, додаде дека секоја кампања за имунизација со вакцинирање треба да има за цел да опфати многу повеќе од 50 проценти од светската популација.

„Не сакаме да погрешиме. Ако сакате да планирате висока покриеност, не треба да бидете вовлечени во опасно заводливиот предлог дека прагот на „имунитет на стадото“ може да биде низок“, рече тој.