СЗС: Нема да ги признаеме резултатите од изборите, ниту така формираната власт

Српската опозициска коалиција на партии и здруженија, Сојуз за Србија (СзС) соопшти дека за српската опозиција на 21 јуни нема да има никакви избори и најави дека нема да ги признае резултатите од гласањето ниту така формираната власт, јави допскникот на МИА од Белград.

-Сметаме дека неслободните избори се кршење на уставниот поредок и нема да ги признаеме нивните резултати. Нема да ја признаеме власта формирана врз основа на тие избори, се наведува во соопштението на СзС.

Тие додадоа дека не постојат минимални услови за слободни избори заради епидемијата и дека нивното одржување на 21 јуни би било здравствено небезбедно затоа што би го загрозило здравјето на целата нација.

-Медиумската темнина никогаш не била подлабока. Времето на вонредна состојба, воведено на неуставен начин, беше искористено за невидена изборна режимска пропаганда и репресија. После тоа, српскиот парламент гласаше за неуставни измени на изборните закони за промена на изборните услови за време на изборниот процес, се додава во соопштението.

СзС повика на обединување на опозицијата, интелектуалците и сите граѓани во бојкотот на изборите на 21 јуни и апелираше заеднички да побараат слободни и фер избори и слободни медиуми.