Тајланд започна со тестирањето на сопствената вакцина против Covid-19

Тајландскиот универзитет Чулалонгкорн започна со тестирање на сопствената вакцина против коронавирусот врз доброволци, објави во вторникот на брифинг со новинарите, портпаролот на тајландското министерство за надворешни работи.

Како што рекол пред новинарите портпаролот Натапану Нопакун, „започна првата фаза од испитувањата на луѓе на препаратот ChulaCov19, развиен од научниците на Универзитетот Чулалонгкорн“.

Прецизирал дека во моментов станува збор за испитувања кај 72 доброволци, кои се поделени во две групи од по 36 лица, на возраст од 18 до 55 години, одноно од 65 до 75 години. Во втората фаза, којашто е предвидена за август годинава, ќе бидат опфатени меѓу 150 и 300 испитаници, додал Нопакун.

Вакцината развиена во Тајланд се базира на релативно новата метода на ткн „информациона РНК“ (mRNA), и е веќе тестирана кај мајмуни и стаорци, при што било потврдено дека може да обезбеди подигнување на имунитетот. Според авторите на овој препарат, за разлика од другите вакцини создадени според истата техниологија за чиешто складирање се потребни многу ниски арктички температури, тајландската може да се чува до три месеца во обичен ладилник на температура од 2 до 8 Целзиусови степени, или две седмици на собна температура до 25 Целзиусови степени. Се очекува дека вакцината „ChulaCov19“ ќе биде одобрена за масовното производство до средината на 2022 година, доколку успешно завршат испитувањата.

Вакцината е направена од микроскопски делови на генетскиот материјал на коронавирусот без никаква употреба на инфекција, забележуваат научниците од универзитетот Чулалонгкорн. Објаснуваат дека кога организмот ќе прими мал дел од овој материјал „шилестиот“ (врзивниот) S-протеин се таложи и го стимулира имуносниот систем да се бори против вирусот кога ќе дојде во контакт со него. Откако вакцината ќе го произведе потребното количество на протеините во организмот, таа се разградува во рок од неколку дена.

Во меѓувреме, стручњаците од Универзитетот Чулалонгкорн веќе се подготуваат за развивање на вакцина од втората генерација, којашто ќе биде ефикасна и против новите соеви и мутации на коронавирусот, вклучително и соевите кои првпат беа идентификувани во Велика Британија, Јужноафриканската Република и Индија. Оваа верзија на вакцината ќе биде подготвена за тестрирање кај доброволци до четвртиот квартал годината, сппоред портпаролот Нопакун.

Првиот случај на зараза со новиот коронавирусот во Тајланд е потврден на 13-ти јануари 2020 година. Досега вкупниот број заразени во оваа азиска монархија надминува 202.200 лица, од кои оздравеле 162.700 пациенти, а од компликациите починале 1.400 лица. Властите ја продолжија вонредната во земјата до 31-ви јули.