„Тајмс“: Патрушев и Бортников го убедиле Путин да ја покрене воената интервенција во Украина

Секретарот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев и директорот на Федералното безбедносно биро, Александар Бортников, биле најголемите поддржувачи на оружен напад врз Украина, кои практично го убедиле претседателот Владимир Путин да ја започне војната, пишува лондонски „Тајмс“.

Весникот објавува и извадоци од книга што допрва ќе ја објави новинарот Овен Метјуз, за која авторот тврди дека се базира врз разговори со руски официјални лица запознаени со историјатот на подготовките за инвазијата.

Според авторот, Патрушев, Бортников и други официјални претставници на безбедносните служби биле убедени во потребата од „превентивен“ удар врз Украина, како неопходност за Русија да се спаси од растечката стратешка закана од Западот.

Виктор Золотов, директорот на руската гарда, наводно во разговор со главен уредник на сега затворената радио станица „Ехото на Москва“, рекол дека „Украина не постои“, оти тоа е само територија низ која само минува „границата меѓу Америка и Русија“.

Меѓу оние кои директно ја подготвиле инвазијата, покрај Патрушев, Бортников и самиот Путин, е посочен и министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Сепак, се вели дека тој не играл улога на идеолог, туку на извршител кој понекогаш искажувал и двоумење.

Истовремено Патрушев е посочен како највлијателната личност во опкружувањето на Путин.

Британскиот весник укажува дека улога одиграла и пандемијата на коронавирусот поради која значително бил намален бројот лица со кои Путин редовно се консултирал, при што од оние со кои непосредно продолжил да комуницира, мнозинство останале оние што се залагале за воспоставување контрола врз Украина. Еден од нив бил бизнисменот Јуриј Ковалчук.

Наводно, на крајот на летото 2021 година била донесена принципиелна одлука за војна. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, сепак, имал задача да се обиде да издејствува повеќе отстапки од Западот за да се избегне војна. Самиот Лавров, наводно, сакал да постигне мирен исход од конфронтацијата и бил убеден дека тоа го сака и Путин.

Руските барања за таканаречени безбедносни гаранции, формулирани од Министерството за надворешни работи во декември 2021 година, не беа прифатливи за Западот.

Во исто време, како што истакнува „Тајмс“, западните дипломати, вклучително и британските, погрешно ги протолкувале тие барања. сметајќи дека Русија сака да преговара и да го убеди Западот за потребата од отстапки како дел од компромис, наместо дека всушност се работи за ултиматум.

Според „Тајмс“, поголемиот дел од руската елита, дури и членовите на Советот за безбедност, до 21 февруари не знаеле за одлуката на Путин да влезе во војна. Прес-секретарот на Путин, Дмитриј Песков по почетокот на војната, во приватен разговор рекол дека на повеќето членови на Советот за безбедност (меѓу нив, на пример, Лавров) за престојниот напад им било кажано дури по состанокот на тоа тело посветен на прашањето за признавање на ДНР и ЛНР.

На односниот состанок на Советот за безбедност на 21 февруари, повикувајќи се на изјава на Песков, на присатните им било кажано дека состанокот ќе се пренесува во живо, а всушност, снимката била емитувана подоцна.

Повикот на Путин за почеток на таканаречената специјална операција, наводно, бил снимен на 23 февруари. Следниот ден, рано наутро, започна нападот врз Украина.

Претставници на официјална Москва се уште не ги коментирале наводите објавени во „Тајмс“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.