8.8 C
Skopje
сабота, април 20, 2024

Тајните на бункерот во Белата куќа , каде што се криел Трамп, има пет ката под земја и чинел 376 милиони долари

Тајната служба итно го испрати претседателот Доналд Трамп во бункерот во Белата куќа во петокот вечерта откако демонстрантите опасно се приближиле и почнале да фрлаат камења и да ги пробиваат полициските барикади, пишува „Дејли меил“.

Трамп поминал скоро еден час во бункерот, каде му се придружиле неговата сопруга Меланија и синот Барон. Ова за новинарите го потврди еден вработен во Белата куќа, кој посака да остане анонимен.

Одлуката на безбедносната служба да го однесе Трамп на безбедно дополнително ги шокира веќе потресените жители и вработените во Белата куќа, кои ги слушале демонстрантите кои пееле и викале цел викенд, и полициските сили кои едвај можеле да ја задржат гневната толпа.

Но, што е познато за подземниот бункер во кој се криел американскиот претседател?

Официјалното име на овие простории е Претседателски центар за итни операции (ПЕОК) и истите биле изградени во раните 1940-ти за време на претседателството на Френклин Рузвелт и времетраењето на Втората светска војна.

Наследникот на Рузвелт, Хари Труман, го проширил ПЕОК за време на деталното реновирање на Белата куќа со што оригиналниот бункер бил целосно срушен и е изграден нов, многу поголем.

Но, бункерот ретко се користи. Можеби единствениот случај бил на 11 септември 2001 година, кога високи функционери во администрацијата на Џорџ Буш побарале засолниште во бункерот од страв дека некои од киднапираните авиони се движат кон Белата куќа.

Самиот претседател во тоа време не бил во Вашингтон и киднапираните патнички авиони се урнаа во Светскиот трговски центар, Пентагон и во поле во Пенсилванија.

Но, потпретседателот Дик Чејни, првата дама Лора Буш и другите високи функционери биле итно префрлени во бункерот. Лора Буш подоцна се сетила на настанот во своите мемоари.

„Нè туркаа внатре по скалите низ големи челични врати што се затворија зад нас со гласен звук“, напиша таа.

– Јас бев во еден од недовршените подземни тунели под Белата куќа и се движев кон ПЕОК што го направил претседателот Рузвелт за време на Втората светска војна. Одевме по долг поплочен ходник, а цевките и другата механичка опрема висеа од таваните и sидовите. Бункерот е дизајниран да биде команден центар за време на вонредна состојба и е опремен со телевизори, телефони и други средства за комуникација.

Лора Буш тогаш опиша и како тие дошле во мала сала за конференции со голема маса.

Официјалните фотографи на Белата куќа тогаш го снимале Чејни, првата дама и тогашниот советник за национална безбедност, Кондолиза Рајс.

Се верува дека Доналд Трамп и неговото семејство биле однесени во истата просторија во петокот.

По терористичкиот напад на 11 септември, администрацијата на Буш заклучила дека ПЕОК не е безбеден или доволно опремен за да се води земјата од таму во итен случај, така што Белата куќа започна на масовен проект за изградба на нов бункер под северниот тревник на Белата куќа, што има дури пет ката под земјата.

– По нападот, луѓето од безбедносната служба проценија дека претходниот бункер нема да биде доволен, напиша Роналд Кеслер во 2018 година во книгата за Трамп во Белата куќа.

– Пред нападот, идејата беше дека во случај на нуклеарен или биолошки напад, персоналот на Белата куќа и обезбедувањето на претседателот ќе бидат префрлени на безбедна локација во Западна Вирџинија или Пенсилванија. Но, после 11 септември, тие сфатија дека можеби нема да има време за таков трансфер, ниту пак ќе биде безбедно да се оди каде било со автомобил во случај на напад. Дури и патувањето со хеликоптер би било многу ризично доколку земјата е нападната. Така, тие дојдоа до идеја да изградат комплетно одделни простории, подземен бункер под северниот тревник.

Во 2010 година, започнала обемната работа пред Западното крило. Официјалното објаснување за градежните работи било промена на целосната инфраструктура на Белата куќа.

Работите започнале во септември 2010 година, а длабока дупка била ископана пред Западното крило, била подигната висока зелена ограда околу целата работна зона. За време на работата, забрането било задржување и снимање во близина на Белата куќа.

– Бункерот е длабок пет ката и има свое снабдување со воздух, како и големо снабдување со храна, вели Кеслер и додава дека за самиот бункер всушност не се знае многу.

Овие простории за итни случаи треба да служат како команден центар и привремено живеалиште на американскиот претседател.

Вкупните трошоци за изградба на бункерот биле неверојатни 376 милиони американски долари.