Тајван ќе изведе маневри со боеви стрелби на југот на островот

Вооружените сили на Тајван ќе изведат вежби во коишто ќе биде користена боева муниција во јужниот дел од островот за да ја тестираат борбената способност на војската, во услови кога Кина во понеделникот вечерта најави продолжување на своите воени маневри околу островот кој го смета за своја одметната покраина.

Тајванската државна новинска агенција CNA, повикувајќи се на армиски извори, објави дека вооружените сили ќе спроведат воени вежби на 9-ти и 11-ти август на јужните области на островот, кои вклучуваат и стрелби со боева муниција.

Според истиот извор, вежбите на тешката артилерија ќе се одржуваат во областа на пристаништето Фенган во округот Пингтунг, при што ќе биде извршена проверка на борбената готовност на силите со употреба на хаубици од 155 милиметри и минофрлачи со калибар до 12о милиметри.

Претходно во понеделникот беше објавено дека и покрај првичните најави дека кинеските воени маневри околу Тајван ќе завршат во неделата, Народноослободителната армија на Кина ги продолжила и во понеделникот своите масовни поморски и воздушни вежби. Кинеската државна телевизија CCTV извести дека вежбите се насочени на „противподморнички и поморски операции“.

Најавувајќи ги минатиот вторник воени вежби, северно, југозападно и источно од островот кој Кина го смета за своја одметната покраина, првично беше најавено дека тие ќе завршат во неделата. Засега, меѓутоа, не е најавено официјално завршување на маневрите. Всушност, некои коментатори во кинеските медиуми наведуваат дека воените маневри близу Тајван може да станат „новото нормално“.

Портпаролот на кинеското министерство за одбрана Ву Чијан во понеделникот изјави дека вежбите се „неопходно предупредување“ за САД и за Тајван, опишувајќи ги како „сосема разумен и соодветен“ одговор на „неодамнешните провокации“ од Вашингтон и Тајпеј.

Портпаролот Ву додаде дека тензиите „намерно ги поттикнал“ Вашингтон, а претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, минатата седмица допатува на Тајван и покрај жестоките противења и предупредување од Пекинг.

Кина остро реагира на официјални контакти на други земји со Тајван, бидејќи го смета за своја територија, додека властите во Тајпеј, иако не е меѓународно признат, се смета за независна земја. САД во намерите да ги избегне острите тензии со Кина декларативно наведува дека го признава „статус-квото“ и принципот на „една Кина“, но американскиот закон го обврзува Вашингтон да му овозможи финансиски и материјално на островот „право на самоодбрана“. Од друга страна, посетата на Пелоси која е втората во сукцесивната линија на американскиот претседател, е првата посета на висока функционер од САД на Тајван по 25 години.

Изминатите четири дена кинеската армија не увежбуваше само поморска и воздушна блокада на Тајван, туку изведуваше и стрелби со боева муниција и лансирање балистички проектили кои паднаа во ексклузивната поморска економска зона на Јапонија. Покрај тоа, кинеските медиуми известија дека се спроведени и увежбување на амфибиско десантните способности за изведување јуришно истоварување на тајванскиот брег.