Тајван од САД ќе купи 400 противбродски проектили

Тајван ќе купи дури 400 противбродски проектили од типот „Harpoon“ кои се лансираат од копно, соочувајќи се со растечките закани од Кина во периодот кога ескалираат односите меѓу Пекинг и Вашингтон во Индопацификот.

Според агенцијата Bloomberg News, која се повикува на добро информирани извори, договорот со американскиот производител концернот „Boeing“ кој Командата на морнаричките воздушни системи на САД ја потврдила во името на Тајван, ќе биде првпат островот да добие мобилна верзија на проектилите „Harpoon“ со копнено базирање.

Претседателот на американско-тајванскиот деловен совет, Руперт Хамонд-Чемберс, ја потврдил набавката, потсетувајќи дека Тајван претходно ја купил верзијата на овие проектили наменети за лансирање од брод. Уште во 2020 година, Тајпеј соопшти дека планира да ги купи протибреодските ракети „Harpoon“ со копнено базирање произведени во „Boeing“ како дел од своите настојувања за модернизација на војската.

Претходно во април, претседателот на Претставничкиот дом Кевин Меккарти беше домаќин на тајванската претседателка Цаи Инг-вен во Калифорнија и ја нагласи потребата да се забрза испораката на вооружување на Тајван, правдајќи го тоа со растечките закани од Кина.

По средбата на Меккарти и Цаи, Мајк Галагер, републиканскиот кој претседава со комитетот на Претставничкиот дом за односите со Кина, изјави дека би сакал да се изнајдат начини противбродските проектили „Harpoon“ да бидат испорачани на Тајван пред оние кои беа планирани и веќе платени за Саудиска Арабија.

Кина го смета островот како дел од својата национална територија и не ги крие аспирациите за спојување па и употреба на сила доколку е потребно. Според принципот „една Кина“, кој е инаку зацртан во односите на Кина со САД, ниту една земја не треба да одржува официјални врски со Пекинг и Тајпеј во исто време. Ситуацијата околу Тајван значително ескалира по посетата на островот на почетокот на ланскиот август на тогашната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, што преставуваше отстапување на САД од долгогодишната практика на островот да не испраќа највисоки државни функционер. А сега истата се повтори со посетата на тајванската претседателка Цаи Ин-венг на САД и средбата со наследниот на Пелоси, Кевин Меккарти.