Таблите не стоеја една ноќ, затоа спомениците ќе бидат под засилен надзор и инспекции

Новите табли според Преспанскиот договор на спомениците не ја преживеаја ноќта. Непознати сторители ги отстраниле табличките од пред споменикот Филип 2 а ја оштетиле и табличката пред споменикот на Олимпија. Додека ознаката пред фонтаната каде што е поставен Александар Велики е на истото место. Од градот немаат информации за сторителите па затоа не можат да ги казнат.

Поради зачестената појава на оштетување, Град Скопје во рамките на своите надлежности во наредниот период ќе го засили надзорот врз спомениците, а истите ќе бидат и под засилени инспекциски контроли.

– Спомениците се оштетени од непознати сторители и од тие причини не може да бидат изречени казни.

Градските власти најавија дека ќе ги санираат оштетените делови на спомениците, а ознаките онаму каде што се отстранети ќе бидат повторно поставени.

Од Град Скопје апелираат до граѓаните да не ги оштетуваат спомениците.

Новата ознака што беше поставена вчера на споменикот на Филип Втори на скопскиот плоштад „Карпошово востание” ноќеска беше извадена и украдена, а на споменикот на Олимпија е оштетена.

Оштетена е, но и натаму стои залепена, ознаката на споменикот на Александар Македонски на централниот плоштад во Скопје.

На ознаките, согласно Преспанскиот договор, на македонски, албански и на англиски јазик пишува дека овие споеници припаѓаат на античката хеленска историја и на светското културно наследство.

Владата даде наредба институциите да ги имплементираат одредбите од договорот за содржината на сите споменици, јавни згради, инфрастуктура, знамиња и грбови. Ознаките на спомениците  беа поставени вчера а веќе две недели се брише сонцето од Кутлеш од градските шахти. На тоа место ќе биде поставен симболот на надлежното претпријатие.