Таблите „Скопиа“ стојат, а „Филип Втори“ го снема од МНР, Дендиас ги окривува локалните власти – немале ентузијазам

Преспанскиот договор не се доведува во прашање со тоа што Грција не исполнува дел од своите обврски, како усвојување на трите меморандуми и промената на таблите, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата со грчкиот колега Никос Дендиас во Скопје.

– Прашањата што ги покренавме во однос на ратификација на одредени договори и меморандуми во грчкиот Парламент ги отворив и јас на средбата и прашањето на сообраќајните знаци во Грција и разговаравме по однос на техничките причини за неисполнување на тие прашања во грчкиот Парламент и договоривме начин како тоа ќе се направи во наредниот период. Во однос на таблите објаснувањето е дека локалните власти се тие што не покажуваат ентузијазам, меѓутоа и по однос на тоа прашање разговаравме пошироко и мслам дека во наредниот период ќе има решение и за тоа – рече Османи по средбата.

Тој рече дека грчката страна ги исполнила најважните нивни обврски во однос на Преспанскиот договор, а тоа е поддршката за членство на С Македонија во НАТО и подрршката за почеток на преговорите за ЕУ.

– Тоа беа двете суштински обврски за Грција по однос на Преспанскиот договор. Прашањата на меморандумите се прашања на секторската соработка, прашања на постигнување на стрататешко партнерство, тоа е жива материја, има многу договори што треба да се потпишуваат, на пример кај нас Договорот за двојно оданочување – рече Османи.

Министерот рече дека интензивно се следи имплементацијата на Преспанскиот договор, обврските кои произлегуваат од градењето на стратешкото партнерство во секторската соработка, меѓутоа и обврските што произлегуваат од членот 8 од Договорот, а тоа е имплементација на промена на името. Тоа следење, рече Османи, се случува на неделна основа преку Акциски план во којшто се имплементираат конкретни обврски од двете страни.

Она што последно е направено од имплементацијата на тој Акциски план е адаптација на името на Археолошкиот музеј кое што поради логистичко-технички причини не можело досега да се направи, но се направиле напори да се направи соодветна адаптација. Во однос на промената на имињата на улиците, што е одлука на Советот на Град Скопје, улицата на која се наоѓа МНР е сменета од Филип Втори во Стив Наумов. Но, таа одлука не може да се имплементира пред локалните избори, затоа не е ставена нова ознака со новото име на оваа улица.

На состанокот со Дендиас станало збор и за брзиот меѓуграничен железнички транспорт, а се зборувало и за отворањето на новиот граничен премин Маркова Нога.

Грција, посочи Дендиас, е задоволна од она што досега е направено во насока на имплементација на овој договор.

– Направени се многу скорешни чекори од кои еден е тргањето на таблата пред зградата во која се наоѓаме, поставена во други времиња и го претставуваше кралот Филип, таткото на Александар Велики, бидејќи договорени сме заедно дека тогаш вашите претци сѐ уште не биле пристигнати на Балканскиот Полуостров и немале можност да војуваат под водство на Александар Велики во длабочината на Азија, променето е и името на Археолошкиот музеј и промената на таблите на граничките премини – рече Дендиас додавајќи дека имплементацијата на договорот не е бирократска работа туку треба да се имплементира секоја буква и за тоа, како што рече, има временска рамка.

Грчките инвеститори во Северна Македонија имаат 1 милијарда евра инвестиции, обезбедуваат 20.000 работни места, а во услови на пандемија взаемната трговска размена изнесувала околу 800 милиони евра.