Тачи: Косово и Крим не можат да се споредат

Русија би требало да престане да ја користи независноста на Косово од Србија како оправдување за Крим, бидејќи тие два случаја не можат да се споредат, изјавил премиерот на Косово, Хашим Тачи за „Ројтерс“.

Тачи истакнал дека „поранешната српска покраина, која стекнала независност во 2008 година“, нема никакви сличности со случувањата во Украина.

„Косово е единствен случај. Меѓународната заедница интервенираше после геноцидот што го изврши Србија. Ние никогаш не баравме да напуштиме една држава и да се приклучиме кон друга“, рекол Тачи.

Тачи оценил дека принципот на менување на граници и анексијата на територијата на друга држава е погрешен пристап што може да предизвика последици за целиот свет.