Тачи: Лидерите од „Прешевска долина“ се решени да пристапат кон Косово

Лидерите на „Прешевска долина“ се решени да пристапат кон Косово, заклучок е на косовскиот претседател,  Хашим Тачи по вчерашната средба во Приштина со претставници на Албанците од јужна Србија .

Големо е задоволството поради средбата со лидерита на албанската заедница во Прешевската долина. Ја забележав нивната решеност во барањето занемарени права, вклучувајќи го и правото да се приклучат на Косово преку заеднички договорен процес на корекција на границите во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија, напиша Тачи на Твитер.

Тој рече дека шансите за постигнување на конечен договор со Белград се минимални и речиси невозможни, но дека „вреди да се проба“.

РТК на српски јазик пренесе  дека Тачи на водачите на Албанците во јужна Србија, кои би сакале да бидат дел од Косово, не може ништо да им вети.

Ќе работиме на тоа,  а за тоа е поребно единство на Косово и во Прешевската долина,  изјави Тачи на прес-конференција на која рече дека нема да има поделба или размена на територии.

Лидерот на највлијателната „Демократската лига на Косово“  и поранешен премиер, Иса Мустафа, им порача на претставниците на трите општини во јужна Србија дека приказната за разграничување со Србија е отворање на прашањето за „територијалниот интегритет на Косово“ и ризик од враќање на тема за државноста на Косово на преговарачката маса.

Мустафа на Фејсбук напиша дека е „загрижен за ситуацијата на Албанците во трите општини, но и дека отворањето на прашањето за територијален интегритет не е само во судир со косовскиот Устав и Декларацијата за независност, туку ризикува да се врати прашањето за државноста на Косово на преговарачка маса.

Во оваа прилика и шефот на парламентарниот клуб на ДСК, Авдулах Хоти  исто така изјави дека нивното барање за приклучување кон Косово било неуставно.