Тачи најавува дека Косово и Албанија ќе живеат во една држава без граници

Косово и Албанија ќе живеат во една држава без граници, изјави во саботата во текот на посетата на Албанија, косовскиот претседател Хашим Тачи, пренесуваат во саботата медиумите во Приштина и во Белград.

„Во блиска иднина ќе живееме заедно, во една заедничка држава Косово-Албанија“, им порачал Тачи на сонародниците во албанското место Хаса, тврдејќи дека Косово ќе ги приклучи и општините Прешево, Бујановац и Медвеѓа, од југот на Србија, каде што живее значителна албанска заедница.

„Бидете сигурни дека многу лесно е остварувањето на сонот дека имаме еден простор без граници меѓу Косово и Албанија“, рекол Тачи наведувајќи дека ќе биде полесно „отколку што беше предизвик да се оддалечи Србија од Косово“.

„И тоа ќе се случи“, го цитира Тачи косовскиот портал Kosovapress, кој тврдел дека поради тоа приклучување на јужната територија на Србија, Косово нема да загуби „ниту милиметар“ од својата сегашна територија.

Меѓутоа, медиумите наведуваат дека и двете идеи на косовскиот претседател се во спротивност со Уставот на Косово според кој „Република Косово нема никакви територијални барања кон која и да е држава или дел од држава, ниту ќе бара обединување со која и да е држава или дел од држава“.

Порталот Kossev, од северот на Косово, притоа укажува на членот 65 од косовскиот устав кој предвидува дека „Собранието на Косово врз основа на две третини од гласовите на сите пратеници го менува Уставот, вклучително и две третини од сите пратеници кои заземаат мандати резервирани и гарантирани за претставниците на заедниците кои не се мнозинство на Косово“. За косовскиот претседател да успее да ги реализира идеите за „заедничка држава“ и „присоединување“ врз основа на правото и законите, неопходна е промена на посочената уставна одредба, пишува Kossev.

Дијалогот меѓу Белград и Приштина е во повеќемесечна блокада, а тензиите во декември дополнително се засилија кога Косово ги воведе царинските давачки од 100 отсто на стоките кои се произведуваат или доаѓаат од териториите на Србија и на БиХ.

И додека од косовскиот претседател Хашим Тачи стасуваат најави за косовско-албанско обединување, а од премиерот Рамуш Харадинај пораките дека царините нема да бидат укинати и дека од Србија се очекува директно признавање на еднострано прогласената косовска независност, Белград категорично возвраќа дека продолжувањето на дијалгот за нормализација на односите е можно дури откако Приштина ќе се откаже од едностраните царини.

Српскиот претседател Александар Вучиќ по состанокот со претставниците на косовските Срби во петокот во Белград дека српската страна подготвува „остри противмерки“, но дека ќе почека со нивната примена до состанокот во Париз на 1-ви јули, кој на двете страни по неодамнешниот самит во Берлин им го закажаа германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.

Во Скупштината на Србија на 27-ми и 28-ми мај е закажана седница посветена на состојбите во поранешната јужна покраина Косово и Метохија, а на таа седница на пратениците им е најавен детален извештај за досегашниот тек на преговорите и постигнатите договори со Приштина. На пратениците, како што е најавено, ќе им се обратат претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, како и дирекоторот на Канцеларијата за Косово и Метохија при владата на Србија, Марко Ѓуриќ.