Тачи: Народите на Косово и Албанија треба да живеат во една држава

28

Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави денеска дека народите на Косово и на Албанија треба да живеат во една заедничка држава без граници, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи на денешното одбележување на 20-годишнината од операцијата „Стрела“ на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за време на косовскиот конфликт, побара од собранијата на Косово и на Албанија да усвојат декларации, согласно, како што рече, „волјата на народот на Косово и Албанија“ за обединување.

– Иднината на Косово е сигурна и таа е зачленување во НАТО и Европската унија. Меѓутоа се создаваат и нови околности, така што најдобро решение е парламентите на Косово и Албанија да ги усвојат потребните декларации според волјата на народот на Косово и Албанија да живееме во една заедничка држава без граници, изјави Тачи.
Тој се заложи за обединување на двете држави затоа што, според него, ЕУ го дискриминира Косово и ја забавува европската иднина на Албанија.

– Додека ЕУ го дискриминира Косово и ја забавува европската иднина на Албанија, најдобар и најцврст пат моментно е почитувањето на волјата на двете наши неправедно поделени држави од сега натаму да живеат како една држава, обединувајќи ја нашата нација. Националното обединување е историско право и волја на нашите граѓани, изјави Тачи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.