Тадиќ ја обвини ЕУ дека ѝ дозволила на Србија да ги уништи демократските институции

Поранешниот српски претседател Борис Тадиќ, сега челник на опозициската Социјалдемократска партија (СДС), оцени дека состојбата на демократијата во Србија е „катастрофална“, предупредувајќи дека некои европски челници ѝ дозволиле на власта во Белград да ги уништува сите демократски институции, пренесува шпанскиот дневен весник El Pais.

„А доколку нема демократија во Србија, тоа е проблем и за целиот регион“, предупредува Тадиќ во интервјуто за El Pais, додавајќи дека не го разбира ваквиот пристап на Европската унија кон Србија.

Коментирајќи ги повеќемесечните протести во Србија и бојкотот на претстојните избори кој го најавува дел од опозицијата, Тадиќ наведува дека демократијата во Србија се урива веќе седум години, како и дека единствен начин е да се комуницира „со преостанатите демократски сили кои ја земаат предвид реалноста дека со Србија денес владее апсолутист, демагог и популист“, зборувајќи за српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Секојдневно 24 часа сме изложени на лажни вести и во такви околности граѓаните не може да имаат слободен избор. Истовремено, доколку ги бојкотираме изборите, таквата власт ќе има уште повеќе пратеници. Од друга страна, давањето легитимитет на овој процес е уште попроблематично“, вели Тадиќ.

Предупредува и дека Србија станала земја во којашто доминира само едно прашање, она за поранешната јужна покраина Косово.

„Признавањето на Косово ја отвора вратата и на другите региони во Европа за еднострана сецесија. Моите меѓународни соговорници чесно не ја разбираа темата на Косово и го игнорираа потенцијалот на овој домино-ефект, и покрај тоа што ги молев сериозно да му пристапат на ова прашање. Секогаш тоа го игнорираа“, истакнува Тадиќ додавајќи дека „стриктно и ригидно“ продолжувале со програмата за независност на Косово.

Меѓутоа, беа во шок кога се соочија со случаите на Крим, Јужна Осетија и Абхазија, оценува поранешниот српски претседател.

„Европа е полна со области во кои може да се придвижи овој домино ефект, како Каталонија и Шкотска, но слични чувствителни региони има и во целиот свет. Меѓутоа, во меѓународните кругови и натаму зборуваат дека Косово е поинаков случај“, посочува Тадиќ. Истакнува дека „секој случај е поинаков, но е многу очигледно дека сите такви случаи сепак се поврзани“.

Коментирајќи ја ситуацијата во ЕУ, Тадиќ оценува дека сѐ поголемото влијанието на Русија, Турција и Кина на Балканот е резултат на тоа што Брисел има филозофија дека без стратегија на сопствената консолидација нема натамошни проширување, а веќе цела деценија не ја дефинираат таа стратегија.

„Кина на Балканот сега е поприсутна од ЕУ. Во периодот кога јас бев студент, во тогашната Југославија, сонувавме за демократијата и ЕУ. Стравувам дека тие сништа испарија“, истакнува Тадиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.