Тајани му ја пренел поддршката од ЕП на прогласениот привремен претседател на Венецуела – Гуаидо

215

Британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант изјави дека Николас Мадуро не е легитимен претседател на Венецуела, пренесоа светските агенции.

Многу сме загрижени поради ситуацијата во Венецуела, но е очигледно дека Николас Мадуро не е легитимен лидер на Венецуела, вели Хант.

Тој додава дека изборите на 20 мај 2018 година, на кои Мадуро беше реизбран, се „длабоко манипулирани”. Иако официјално Хуан Гуаидо не е признат како официјален лидер на Венецуела, Хант е на став дека тој е вистинската личност која ќе ѝ помогне на земјата да напредува.

Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, побара Мадуро да се повлече. Поради општото незадоволство, Мадуро мора да се повлече сега, рече Тајани во изјавата.

Јасно е дека на венецуелскиот народ му е доста од нелегалниот режим на Мадуро, кој не освои претседателска функција преку слободни и фер избори и се држи на власт, испраќајќи ја опозицијата во затвор, се додава во изјавата.

Тајани вели дека зборувал со Гуаидо по телефон и ја изразил „поддршката од ЕП за него”. ЕП ќе ја разгледа ситуацијата во Венецуела на својата пленарна седница следната недела во Брисел и ќе усвои резолуција за ова прашање, додава Тајани.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте изрази загриженост во врска со ризикот од ескалација на насилството во Венецуела. Ја следам ситуацијата во Венецуела и сум многу загрижен за ризикот од ескалација на насилството, вели Конте.

Во исто време, венецуелската криза стана нов повод за преписки меѓу Италија и Франција. Заменик министерот за надворешни работи на Италија од движењето „Пет ѕвезди“ , Манило ди Стефано денеска го искритикува францускиот претседател Емануел Макрон дека ги надминува линиите на ЕУ и се „меша” во состојбата на Венецуела, признавајќи го Хуан Гуаидо за привремен претседател на Венецуела.

Принципот на немешање е свет. Каква и да е нашата визија за делата на Мадуро, за чавизмот и за политичките односи во Јужна Америка, промената во Венецуела треба да се случува во политички, демократски и ненасилен процес. Макрон ги игнорира овие очигледни нешта и зазема став кој е во спротивност со она што ЕУ го нарекува политички процес, признавајќи самопрогласен претседател, вели Ди Стефано.

Властите на Салвадор изразија поддршка за претседателот Мадуро, објави ТАСС, повикувајќи се на соопштение од кабинетот на претседателот на Салвадор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.