Талибаните ги затворија вратите на универзитетите за жените

Жените во Авганистан повеќе нема да имаат право на универзитетско образование, се вели во најавата на министерот за високо образование на талибанската влада.
Оваа одлука ќе важи до понатамошно известување, а министерот најави дека ќе стапи во сила веднаш.
Новото правило речиси целосно го ограничува пристапот на жените до формалното образование, бидејќи тие се веќе исклучени од повеќето средни училишта.
Пред три месеци илјадници девојчиња и жени полагаа приемен испит низ Авганистан.
Сепак, талибанските власти го ограничија списокот на факултети на кои жените можат да се запишат, со што го забранија студирањето ветеринарна наука, инженерски науки, економија, земјоделство и особено новинарство.
Откако талибанците ја презедоа власта минатата година, жените и мажите се разделени во различни училници, а во зградите на факултетите се влегуваат одделно.
Само ретки професорки или постари професори можат да подучуваат студентки.
„Талибанците се плашат од жените и од нивната моќ, изјави студентка за Би-Би-Си по воведувањето на забраната.
„Го уништија единствениот мост што ме поврзува со мојата иднина. Како да реагирам? Верувам дека можам да научам и да ја променам сопствената иднина или да внесам светлина во мојот живот, но тие ја уништија и последната можност“, рече таа.

Образованието во Авганистан е во незавидна положба откако Талибанците ја презедоа власта, а голем број академски образовани луѓе ја напуштија земјата кога силите предводени од САД се повлекоа минатата година.
Економијата на земјата беше во голема мера зависна од странска помош во последните децении, но хуманитарните агенции делумно, а во некои случаи и целосно, ја повлекоа поддршката за образовниот систем кога Талибанците одбија да им дозволат на девојчињата да се запишат во сите средни училишта.
Голем дел од наставниот кадар со месеци не земал плата.
Последната забрана сигурно ќе предизвика загриженост кај меѓународната јавност.
САД и другите западни земји поставија услови дека ќе го признаат талибанското владеење во Авганистан доколку се подобри пристапот на жените до образование.
Меѓутоа, Талибанците во ноември им забранија на жените да влегуваат во парковите во главниот град Кабул, тврдејќи дека таму не се почитува исламскиот закон.