Талибаните подготвени да ги продолжат мировните преговори со САД

Талибаните порачаа во петокот дека се подготвени да ги продолжат мировните преговори со САД, ден откако американскиот претседател Доналд Трамп ненајавено ги посети американските единици во Авганистан и порача дека верува оти оваа радикална исламистичка група ќе се согласи на примирје.

Посетата на Трамп на Авганистан по повод Денот на благодарноста е првата откако стана претседател, а се случи една седмица по размената на талибанските и американските заробеници.

„Талибаните сакаат да постигнат договор и ќе се сретнеме со нив. Рековме дека мора да дојде до примирје, а тие не го сакаа, а верувам дека сега сакаат. Тоа веројатно ќе се случи“, рече Трамп во четвртокот во возудхопловната база Баграм крај Кабул.

Некои од челниците на талибаните за Reuters во петокот рекле дека претставниците на ова движење одржуваат состаноци со високорангирани американски функционери во катарската престолнина Доха од минатиот икенд, додавајќи дека наскоро би можеле да започнат формалните мировни преговори.

Забиула Миџахид, портпаролот на талибаните, рече дека нивните водачи се „подготвени повторно да ги започнат преговорите“ кои Трамп ги прегина во септември, по смртоносниот талибанскиот бомбашки напад во Кабул.

„Нашиот став сѐ уште е ист. Ако започнат мировните преговори, продолжуваат од точката каде што се прекинати“, рекол Муџахид за Reuters.

Во моментов во Авганистан има околу 14.000 американски војници и уште неколку илјади други странски војници во рамките на мисијата на НАТО, 18 години по американската инвазија со која беа соборени талибаните од власт.

Предложениот мировен договор на почетокот од август предвидуваше повлекување на илјадници американски трупи од Авганистан во замена за ветување од Талибанците дека ќе се откажат од Ал Каеда и дека територијата на Авганистан нема да биде користена како база за нападите на милитантите врз САД и нивнтие сојузници. Според американските медиуми, воените трупи на САД ќе се намалат од 14.000 на осум до девет илјади војници. Според договорот, исто така, се бараат директни преговори со владата во Кабул, кои милитантите ги нарекуваат „режимски марионети“. Со договорот драстично ќе се намали и бројот на персоналот во американската амбасада во Кабул и бројот на безбедносните лица.

Меѓутоа, многу американски функционери сметаат дека на талибантие не може да им се верува дека ќе ја спрачат Ал Каеда да планира и да изведува такви напади.