Талибаните заземаа уште еден округ во Авганистан

Талибанските бунтовници продолжуваат со военото напредување, откако официјално започна повлекувањето на меѓународните сили од Авганистан, а во вторникот заземаа уште еден округ во земјата којашто со децении и разорувана од внатрешните конфликти и странските инвазии.

Владините сили го напуштиле центарот на округот Давлат Абад во северната провинција Фарџаб пред мугрите и побегнале во соседниот округ Андхој без судири со милитантите на радикалното исламистичко движење Талибан, пренесува агенцијата DPA, повикувајќи се на тројца локални политичари.

Меѓутоа, судбината на повеќе од десет припадници на безбедносните сили во округот сѐ уште е непозната, бидејќи паднал телекомуникацискиот систем, рекол членот на покраинскиот совет Абдул Ахад Алибек.

Давлат Абат беше под опсада три години. Авганистанските безбедносни сили можеа да добија логистичка поддршка исклучиво преку воздушен пат. Копнената поддршка беше невозожна, бидејќи милитантите ги контролираа сите рути до округот, додал Алибек.

Во југоистичната покраина Газни, милитантите уништиле два пункта на безбедносните сили во окугот Аб Банд. Тамошните функционери во понеделникот изјавија дека се водат тешки борби во најмалку три округа во оваа покраина. Окрузите би можеле да минат под контрола на талибаните, доколку владата во Кабул не успее да испрати воздушна поддршка, предупреди Ариг Рахмани, парламентарен преставник на покраината Газни.

Талибанските бунтовници веќе трет ден со ред ги заземаат авганистанските окрузи. Во понеделникот владините сили го напуштија округот Кајсар во Фарџаб по повеќедневните тешки борби. Милитантите ја преземаа контролата и над округот Шахрак во западен Гор.

Од почетокот на официјалното повелекување на американските и другите трупи на НАТО од Авганистан на 1-ви мај, најмалку 10 окрузи паднаа во рацете на талибаните. Авганистан има 34 покраини и околу 400 окрузи. Окружните центри делуваат како административни единици на секундарното ниво, веднаш под покраините. Според извештајот на Обединетите нации, талибаните минатата 2020 година успеале да заземат пет окрузи, но владините сили повратиле четири за само неколку дена.