Талибаните заземаа воена база во Авганистан, најмалку 17 мртви

Талибанските бунтовници заземаа база на северот од Авганистан, усмртувајќи најмалку 17 војници, додека судбината на преостанатите е неизвесна, соопштија во вторникот функционери.

Талибаните ја преземале контролата над базата „Шенајеха“, во округот Гормах во покраината Фарјаб, по неколку дена интензивни судири, изјавил Мухамед Ханиф Резае, портпарол на војските коишто дејствуваат на северот од Авганистан.

Според него, најмалку сто војници се наоѓале во базата на почетокот од нападот во неделата.

„Претставува трагедија кога база ќе падне во непријателските раце. Војници се убиени, други заробени, а некои побегнале на блиските ридови“, додал портпаролот.

Локалниот претставник во парламентот Хашим Отак потврдил дека 17 војници се убиени, а околу четириесетина се заробени.  Од оние кои успеале да побегнат петанаесетина се ранети,

Според челникот на покраинскиот совет Тахир Рахмани, базата паднала откако војниците во неа неколку дена безуспешно барале помош и воздушна поддршка од командата во Кабул. Додал дека во борбите биле убиени ококу 30 милитанти, а талибаните дошле во посед на армиски тенкови, 14 борбени возила и значително количество муниција.

Падот на воената база додјде истовремено со жестоките борби меѓу авганистанските бебедносни сили и талибанските милитанти во гратчето Газни, во југоисточниот дел од земјата, каде што минатата седмица загинаа околи 100 полицајци и војници, како и најмалку 20 цивили.

Континуираните судири во Газни, кој се наоѓа на само 120 километри од авганистанската престолнина Кабул, започнаа во петокот, при што талибаните според информации од теренот прво се инфилтрирале во приватни домови во градот за потоа ноќта да ги нападнат авганистанските сили. И бунтовниците и владата во Кабул во текот на жестоките борби тврдеа дека ја имаат контролата врз споменатиот стратешки важен мал град.