Танкерите кои превезуваа иранска нафта, се префрлија на транспорт на руската нафта

Повеќе од десет танкери кои претходно беа специјализиран за транспорт на иранската нафта, се преориентираа на превезувањето на руската сировина, пишува деловната новинска агенција Bloomberg повикувајќи се на податоците од „Votrexа“ специјализиран за анализа на пазарите на енергенси.

„Единаесет од следените пловила, коишто претходно транспортирале иранска нафта, од април годинава се товарат со руска нафта и нејзини деривати, што во овој период изнесува шеснаесет товари“, се вели во објавата.

Бидејќи сѐ повеќе компании одбиваат да транспортираат руска нафта и нафтени производи поради стравувањето да не потпаднат под западните санкции, оние кои се запознаени со трговијата на стоки кои се под санкции, ќе продолжат да ги користат своите танкери за транспортот на руската нафта на источните пазари, вели за Bloomberg Армен Азизиијан, аналитичар на пазарот на сирова нафта во „Analytics Vortexa“.

Се прецизира дека најголемиот дел од пловилата кои започнале да превезуваат руска нафта, се од типот танкери „Aframax“, чиј транспортен капацитет изнесува 730.000 барели нафта. Истовремено, меѓу таквите бродови се и оние со многу големи капацитети до околу два милиона барели.

Тоа придонело испораките на нафтата од Русија да порасне за 250.000 барели дневно во првата половина на јули, што е за 170.000 барели дневно повеќе отколку во април, посочува Bloomberg во своите процени.

Според податоците на Кинеската царинска служба за јуни, кои ги објави во четвртокот агенцијата Reuters, Русија втор месец со ред останува најголемиот извозник на нафта во Кина.

Во мај Кина го зголеми увозот на руската нафта за 55 отсто на годишно ниво и за околу четвртина над нивото во однос на април. Тоа резултираше со вкупен месечен рекорден обем на испораките од 8,42 милиони тон, со што Русија ја истисна Саудиска Арабија од првото место водечки добавувачи на нафтата во Кина.

Во јуни, пак, извозот на руската нафта, вклучително преку нафтовод „Источен Сибир – Пацифик“ и поморскиот транспорт, изнесувал 7,29 милиони тони, што е речиси 10 отсто повеќе од истиот месец минатата година, иако е под мајското рекордно ниво.

Цените на руските фосилни горива за извоз се во просек за 60 отсто повисоки од минатата година, а некои земји, како Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати, го зголемиле увозот на фосилни горива од Русија. Во јуни просечната цена на барелот од марката Ural беше околу 87,25 долари.

Од почетокот на украинската војна, Западот дотогашните санкции против Русија ги засили со неколку круга мерки без преседан, целно насочени кон нејзиниот енергетски, индустриски и финансиски сектор. Така со шестиот пакет санкции на ЕУ предвидува постепено воведување ембарго на увозот на руската нафта, при што се предвидува и забрана за осигурување на бродовите кои превезуваат руска нафта.

Американската министерка за финансии Џенет Јелен се залага за ограничување на цената на руската нафта за на Русија да ѝ биде отежнато да ги финансира воените операција во Украина, а за нејзиниот предлог се дискутира меѓу седумте водечки светски економии Г7, откако на мајскиот самит во Германија предлогот на САД го поддржаа Канада, Велика Британија и Јапонија. Предложениот механизам предвидува забрана за осигурувањето и транспортот на руската нафта чијашто цена го надминува нивото кое ќе го одредат овие земји. Засега не е познато колкав би бил тој плафон, но европските членки на Г7 изразија сомневање во неговата ефикасност.

Во средата рускиот вицепремиер Александр Новак предупреди дека Русија нема да извезува нафта на светските пазари доколку ограничувањата на нејзината цена, за што се застапуваа неколку земји од групата Г7, биде пониска од трошоците за производство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.