Таравари се закани: Ако е разрешен директорот на „Комуналец“, завршува нашата приказна со Арсовска

Доколку е точно дека е разрешен директорот на „Комунална хигиена“, ќе побарам од претседателството да ја прекинеме соработката со Данела Арсовска, кажа Арбен Таравари од Алијанса на Албанците во гостување утрово на ТВ 24.

„Јас не знам дали е разрешен, ако е разрешен мислам дека тука завршува нашата приказна во Скопје, оти за да се разреши треба градоначалничката прво барем да нè консултира нас. Ова го зборувам лично, меѓутоа, денеска ќе имаме и партиски состанок, јас лично ќе побарам од претседателството, мислам дека овде завршува нашата приказна во Скопје со Данела Арсовска. После 12 навечер да разрешува директори, без да се консултира, тоа е неприфатливо“, кажа Таравари.

Тoj смета дека вчерашниот инцидент кај плоштадот на споменикот на Скендербег е провокација.

„Јас ги разбирам демонстрантите од македонските партии и тоа е сосема легитимно, меѓутоа, логично е да протестираат пред институции, но протести да има и пред приватен хотел или во населба каде генерално живеат Албанци, ми изгледа провокативно. Ако ги видите ексклузивните видеа, не е дека не протестираат таму, хотелот една вечер претходно е демолиран од демонстрантите и тоа е пријавено во полицијата. Зошто баш овој хотел не ми е јасно. И вчера одредени луѓе одеа таму по вторпат да провоцираат. Јас не оправдувам оружје, меѓутоа, па и дома кај вас да дојде некој вандалски да се однесува, јас мислам сите сме луѓе и сите би реагирале“, вели Таравари.

Вчера за време на протестот против францускиот предлог дојде до инцидент меѓу демонстрантите од протестот и помала група граѓани кај Мавровка, од кои еден беше вооружен и пукаше во воздух. Неговата фотографија прв ја објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и тврдеше дека тоа лице вечерта требало да го убие него.

„И сликата – сака да ме убие ми е нелогична, парадокс сам по себе“, прокоментира Таравари.

Лицето кое вчера беше со пиштол на плоштадот Скендербег е Цуфи Кока, член на Алијанса на Албанците и брат на Зуди Енузи, в.д. директор на јавното претпријатие „Комунална Хигиена“ во Скопје. Град Скопје доцна синоќа соопшти дека поради инцидентот со неговиот брат, Енузи е разрешен од функцијата.

Инаку Цуфи Кока е уапсен, а од МВР велат дека го испитуваат зошто носел оружје и зошто пукал, по што ќе споделат детали во јавноста.