Таравари: ДУИ блефира со конфликтите за дефокусирање од ветувањето за премиер Албанец

По денешната објава од ДУИ дека се надминати внатрепартиските превирања за составот на новата влада, генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, вели дека меѓу интегративците не ни постоел конфликт, туку тоа било блеф за дефокусирање на јавноста.

„Конфликтите во ДУИ беа обичен блеф, за да ги дефокусираат Албанците во РСМ од неисполнувањето на единственото ветување што го имаа на овие избори – премиер Албанец!“, напиша Таравари на Фејсбук.

Еден ден пред најавеното доставување на предлог-составот на новата влада и програмата од мандатарот до парламентот, пратениците „бунтовници“ од ДУИ, Арбен Зибери и Изет Меџити, потврдија дека несогласувања во партијата се надминати.

За разлика од пратениците, кандидатот на ДУИ за прв премиер Албанец, Насер Зибери, сè уште нема коментар за договорот за коалиција на интегративците со СДСМ, според кој, Зоран Заев би ја отстапил премиерската позиција на кадар на ДУИ сто дена пред следните избори. Денеска, откако беше потврдено дека се надминати внатрепартиските недоразбирања во ДУИ, а со тоа се потврдени и ресорите и кандидатите за министри, „360 степени“ повторно го побара Зибери за да го праша за мислење за договорот Заев-Ахмети.

„Немам коментар. Извинете“, повтори и денеска Насер Зибери по минатонеделната серија за безуспешни обиди на медиумите да добијат негов став.

Истиот одговор го добивме и нашето прашање дали е тој кадарот што ќе ја води Владата во стоте дена пред наредните парламентарни избори.

Доколку мандатарот Заев утре на парламентот му ги достави предлог-составот и програмата за работа на новата влада, за предлогот би се дискутирало за време на викендот (29 и 30 август) веднаш по верскиот празник Успение на Пресвета Богородица, кој се одбележува в петок (28 август).

Деловникот на Собранието предвидува парламентарната дебата за новата влада да трае најмногу два дена, што значи дека Северна Македонија би можела да ја добие новата влада, со старите коалициски партнери, веќе од понеделник, 31 август.