Таравари го доби спорот со Министерството за образовани и наука

Управниот суд му ги врати ингеренциите на градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кои во јануари годинава му ги одзеде министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Таравари на Фејсбук ја објави пресудата со која се поништува забраната на Министерството тој да именува и разрешува директори на основни и средни училишта во Гостивар. Таравари на социјалните мрежи го повика министерот за образование Адеми да се извини и да поднесе неотповиклива оставка.

„Министерот за „ингеренции” и „докторорот за правни науки“, според Управниот суд немал право кога ги одземал ингеренциите за образование на општина Гостивар. Почитуван „доценте“, врати ги ингеренциите, јавно извини се и поднеси си неотповиклива оставка, не поради мене, туку поради учениците и наставниците во Гостивар, кои ги малтретираш сега веќе 2 години! Правдата излезе на виделина!“

На пресудата реагираше министерот Адеми. Според него, Управниот суд во ниту еден момент не навел дека градоначалникот на Општина Гостивар постапил законски, затоа уште в понеделник ќе поднесе жалба до Вишиот управен суд.

„Незаконските дејствија и незаконските разрешувања на директорите на училиштата од страна на градоначалникот на Општина Гостивар утврдени од страна на Просветниот инспекторат и Второстепената комисија не можат да бидат покриени. Пресудата на Управниот суд во ниту еден момент не вели дека градоначалникот на општина Гостивар постапил законски“, реагира министерот за образование Арбер Адеми.

Војната меѓу општината Гостивар и Министерството за образование трае скоро две години. Министерството во два наварти му ги одзема надлежностите на Таравари, еднаш во ноември 2017, а втор пат во јануари годинава, откако тој ги смени раководните органи во училиштата и назначи в.д директори. Но, министерството ги врати на работа.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.