Таравари: Конгресот на Алијанса за Албанците закажан за 17 декември

Новиот в.д претседател на Алијанса за Албанците, гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, во саботата по одржаното Централното собрание на партијата изјави дека е донесена одлука на 17-ти декември да се одржи вонреден конгрес на партијата.

„Денеска имавме второ собрание на Алијанса за Албанците, каде што се констатираше неотповикливата оставка на Зијадин Села. Повеќето членови на конгресот ми дадоа поддршка на Централното собрание. Донесовме долука на 17 декември оваа година да се одржи вонредниот конгрес на партијата“, рече Таравари.

Изрази надежи дека дека Алијанса за Албанците ќе продолжи да биде надеж за повеќето Албанци во државата, за да ги донесат промените во албанскиот блок.

На прашање дали ќе поднесе кандидатура за претседател на партијата, Таравари одговори дека се уште не донел дефинитивна одлука, а сега ќе биде само вршител на должноста. Посочи и дека кандидатури можат да поднесат сите заинтересирани членови на партијата, две недели до одржување на вонредниот конгрес.