Таравари: Законот за јазици ќе помине во Влада

Законот за јазиците ќе оди на влада во стоте дена од работата на новиот владин состав – порача министерот за здравство Арбен Таравари. Според него, усогласени се сите страни и нема коалициски пречки за негово разгледување.

– Законот ќе помине во Влада и ќе се испрати во Венецијанската комисија. Така да ние како партија тоа што сме го кажале пред да влеземе во влада, како Движење за реформи во ДПА, тоа го кажавме првиот ден кога влеговме во влада, тоа го кажуваме и сега дека овој закон ќе влезе во првите сто дена од формирањето на новата влада. Нема недоразбирања. Дали ние ќе ја напуштиме владата, ако не се реализира тоа? Нема потреба да ја напуштиме владата, координирани сме и тоа ќе помине, изјави Таравари.

Таравари исто така најави дека денеска ќе бидат назначени шест до осум нови директори на неколку клиники и болници, а ќе има и други назначувања.

– Уште не можам точно да кажам. Меѓутоа веќе размислуваме за одредени директори кои ќе останат. Можеби ќе бидат во периферијата, можеби во Клиничкиот центар. Се’ уште правиме консултации, додаде Таравари.