Тарчуловски: Со засилено темпо и енергија ќе ја направиме Кисела Вода општина со која ќе се гордееме сите

263

Ако претходно ја браневме државата од надворешни непријатели, за жал дојде време да ја браниме од нас самите, од луѓето кои немаат ништо свето освен парите. Кисела Вода не е на продажба, Македонија не е на продажба, нема да дозволиме да ја продадете, истакна вечерва на мини митингот во скопско Драчево кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Кисела Вода, Јохан Тарчуловски.

„Од Кисела Вода и Драчево ќе го развиориме македонското знаме, нема да го погазиме аманетот на нашите предци да си ја зачуваме Македонија иако модерните Македонци заборавија дека народ без корен лесно ќе го оддува ветерот и со тоа и нас. Нема да дозволиме тоа да се случи“, истакна Тарчуловски.

Посочи дека за само четири месеци владата на СДСМ успеала да уништи се што макотрпно со години се создавало.

„ВМРО-вецот никогаш не потклекнал под никакви притисоци, уцени и закани. Нема ниедна сила која може да го скрши духот и вербата на вмровецот во Македонија. Изборот е едноставен и јасен, СДСМ во Драчево нема ставено камен на камен, сето ова што го гледаме е изградено од ВМРО-ДПМНЕ. Во многу проекти ќе продолжиме и во наредниот период. Со санирање на улици, доизградба на киното во Драчево, нова спортска сала во ОУ „Рајко Жинзифов“, нова градинка и други проекти во интерес на сите драчевчани и жители на Општина Кисела Вода. Нашиот ангажман ќе продолжи со многу поголемо темпо и енергија за да ја направиме Кисела Вода општина со која ќе се гордееме сите. Работењето и напредокот на општината ќе биде пример за сите други општини, а разликата ќе биде очигледна“, нагласи Тарчуловски

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.