Тасева и Николовска се сложија – Македонија е заробена држава од власта и тоне во корупција и криминал

„Извештаите укажуваат на тоа дека има некаков проблем во постапувањето пред судските органи. Ако се расчленува целата таа ситуација и ако се видат точно причините или се утврдат причините зошто одредени постапки пред судот биле детектирани како нефер постапки, не е многу тешко да се најде некој пат каде што можеби ќе доведе до почеток на истражување на одредени коруптивни дејства“, истакна Маргарита Цаца Николовска говорејќи за Извештајот „Транспаренси Интернешнл“ во емисијата „Само Вистина“.

Николовска додаде дека многу малку имало и предмети за корупција во Македонија и тоа е голем проблем кој укажува на затајување на корупцијата.

„Состојбата на заробена држава и нефункционирањето во Уставот востановена поделба на власти, на законодавна, извршна и судска, каде што еден центар политички се контролира се, се контролира судството, се контролира Собранието, се контролира и извршната власт, не постои оној систем на взаемна контрола – систем кој што го викаме на национален интегритет. Во другите држави судските одлуки се коректив на одлуките на извршната власт, за тоа што судството па дури и Уставните судови се тие кои што требаат да реагираат веднаш и да ги заштитат и граѓаните во однос на заштитата на нивните права во судските постапки. А, кај нас почна да надвладува ставот судиме што има врска“, појасни Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнл“ говорејќи зошто Македонија во Извештаите е заробена и коруптивна држава во емисијата „Само Вистина“.

„Во заробена држава се констатираат ситуации дека државата е заробена од еден политички врв. И од таму оди надолу. И заради тоа не може да се расчистат одредени работи“, појасни Николовска.

Тасева додаде дека има состојба на недопирливост, таа недопирливост е однесува на тоа дека високите политички врвови не одговараат пред словото на Законите.