Татко избодел син во сопствен ресторан во Скопје оти не го почитувал

Татко на 46 години во својот ресторан на улица „Кирил Пејчиновиќ“ во Скопје му нанел три убодни рани со кујнски нож на својот 20 годишен син по кратка расправија, соопшти Обвинителството.

Тешкото семејно насилство се случило завчера во Скопје, а таткото му нанел три убоди на синот кој бил итно пренесен во болница. Хоспитализираниот имал тешки телесни повреди на стомакот, десната подлактица и грбот.

Основното јавно обвинителство Скопје смета дека родителот бил во умисла да изврши убиство и бара притвор за него.

„Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, односно дека ќе го доврши обиденото кривично дело.

Имено, тој и во дадениот исказ пред јавниот обвинител признал дека во критичниот момент одлучил ‘да го реши оштетениот’, односно да го лиши од живот, и дека се надева во иднина оштетениот да разбере дека треба да го почитува својот родител или повторно може да се случи истото”, соопшти ОЈО Скопје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.