Татко ми ме направи инвалид поради грст шеќерчиња

Мојата судбина е тешка. Татко ми ме направи инвалид за половина килограм шеќер, беа првите зборови на Киро Оџаклиев од населбата Лисиче во исповедот за весникот Нова Македонија.

-Со Кире се запознавме преку оглас во весник. Во него „бара помош и добри газди за да заработи за парче леб“. Нѐ привлече тоа што напишал дека живее во надеж дека на овој свет сѐ уште има добри луѓе што можат да им помогнат на луѓе што се бездомници и без семејство, пишува весникот во својата сторија.

– Што да правам. Гладен сум, морам да работам. Но никој не се јавува на огласот. Ете, овде живеам. Тоа ми остана од мојата 45-годишна работа. Студено е. И на минус 30 греалката ќе ја вклучам само на една прачка. Не смеам повеќе, не можам да ја платам струјата – кажува Кире додека се пресоблекува по завршениот работен ден.

Застоен воздух и мирис на влага се чувствуваа во малата соба. Мебелот беше стар. Во неа има простор за еден кревет, креденец, два стола, комода со телевизор и еден стар фрижидер. Ги симнува панталоните и ги покажува белезите од операциите на двата колка.

– Еве што ми остави мојот татко. На дванаесет години добив ќотек од него што го паметам цел живот. Татко ми донесе пет вреќи шеќер и ги скри во шупата. Си играв како дете и ги најдов вреќите. Џебовите ги наполнив со коцките шеќерчиња и излегов на улицата. Им раздадов на другарчињата. Кога виде татко ми почна да ме тепа. Ме удираше секаде со раце. Паднав на земја, а тој продолжи со ќотекот. Почна да ме клоца. Удираше секаде по телото. Носеше чевли со шпицови и тврди ѓонови. И заврши работа. Ме повреди во колкот, кој собра вода и почнаа моите маки во животот – ни рече Киро, со што ја почна својата животна приказна.

Следуваат тешки години за него. Првата операција му била направена во 1962 година, а следувале уште две на секои две години. По тешкото детство се вработува во една загрепска фирма како молер. Почнал да заработува и купил барака во Шуто Оризари во Скопје во 1978 година, но животот повторно му се искомплицирал. Повторно морал на операција.

– Кога виде до каде е работата газдата ми исплати пет плати како аванс и ми рече: „Кире, ти не ќе можеш да се вратиш на работа“. Како инвалид од трета категорија посетував обука за машински словослагач и работев неколку години во една издавачка куќа, која потоа пропадна – вели Киро.

Повеќе прочитајте на Нова Македонија

Фотографија: Маја Јаневска-Илиева