Татко се обидел да си ја убие ќерката

Косовската полиција во Призрен го уапси Н.Х. од селото Рандубрава, кој се обидел да ја убие својата ќерка А.Х., пренесува Газета експрес.

По вербален конфликт со членовите на неговото семејство, тој извадил пиштол и пукал трипати во правец на својата 31-годишна ќерка.

По пукањето, синот на осомничениот успеал да му го одземе пиштолот од раката, по што Н.Х. се јавил во полиција.

– Осомничениот прво телефонски пријавил во полиција дека пукал во ќерката и дека не знае дали ја убил или не, а потоа отишол во полициската станица во Призрен. Полициски патроли и итната помош веднаш излегле на местото на настанот – соопштија од тамошната полиција.

Бил извршен увид, полицијата собрала докази и изјави, а со осомничениот и оштетените извршила информативен разговор.

Во соопштението се наведува дека за среќа во инцидентот нема повредени.

Предметот е поднесен како „убиство во обид“, а по наредба на обвинителот на осомничениот му е одредена мерка притвор до 48 часа.