Татко во Германија обвинет за 800 злоставувањa на своите ќерки

Маж од германската покраина Тирингија е обвинет за сексуално злоставување на своите ќерки, дури 800 пати во период од шест години.

Јавниот обвинител во градот Милхаузен подигнал обвинение против 43-годишник, објави во вторникот портпаролот на обвинителството, пренесува агенцијата DPA.

Мажот е обвинет дека во повеќе наврати во периодот меѓу 2012 и 2018 година, сексуално ги злоставувал своите две ќерки коишто сега се на возраст од 12 и од 14 години.

Се верува дека помладото девојченце на својата мајка и го открило злоставувањето во март годинава, којашто потоа ја известила полицијата. Обвинетиот татко бил уапсен на работното место кусо по пријавата и сега се наоѓа во притвор.

Јавниот обвинител потврдил дека таткото ги признал повеќето обвинувања, но не го признава насилничкото однесување. Иследниците претпоставуваат дека злоставувањата се случувале еднаш или двапати седмично, а мајката рекла дека ништо поврзано со тоа не забележала.