Таткото на херојот Марко казнет со 300 евра поради истечена дозвола за кајчето

Езерската полиција го казнила со 300 евра таткото на детето- херој Марко,Тони Пејчиноски бидејќи му истекнала сообраќајната дозвола за кајчето со кое го следи својот син на секојдневните тренинзи пливајќи по Охридското Езеро. Веста за скандалот ја објави порталот „ОхридСкај“, а информацијата ја потврдиле од Охридската Капетанија.

Како што и е познато на македонската јавност, 12 годишниот Марко, кој боледува од ретка болест го преплива Охридското Езеро за време на Охридскиот Маратон, а поради болеста мора да плива секојдневно.

Според „ОхридСкај“, Тони Пејчиноски, од страна на Капетанијата на пристаништа на РМ – Охрид, поради банална причина, истекување на сообраќајна дозвола на пловен објект Кајче, бил казнет со мандатна казна од 300 евра. Ваквиот скандалозен чин од страна на Езерската Полиција и Капетанијата на пристаништа, бил утврден на само една недела пред Марко да го преплива Охридското Езеро, поточно на секојдневниот тренинг кој го правел со неговиот татко, кај Канео.

Овој чин на езерската полиција при РЦ Запад на МВР и капетанијата на пристаништа е срамен чин, зошто добро знаеле со која цел се одвиваат тренинг пливањата во водите на езерото, а уште посрамен е од фактот што имале сознанија, дека поради здравствени причини младиот херој Марко, мора да плива.

Казната ја потврдил  капетанот Горан Устијаноски, кој жали за ваквиот чин, но неговите надлежности завршувале тука, зошто прекршокот бил регистриран од Езерската Полиција, која по закон ги препраќала пријавите до Капетанија.

Редакцијата „ОхридСкај“, ја повикува Капетанијата на пристаништата на РМ-Охрид, веднаш да си изнајде начин и да ја запре прекршочната постапка против таткото на Марко, Тони Пејчиноски, но и да има во предвид во иднина повеќе да внимаваат на аздисаните газди на глисери и скутери, а не на оние скромни лица кои управуваат со кајчиња.

Во меѓувреме, охриѓаните, браќата Климе и Јован Лотески се понудиле да ја платат казната за Пејчиновски, како и да му дадат 500 евра годишна стипендија.

СКАНДАЛ: КАПЕТАНИЈА МУ ИЗРЕКЛА ГЛОБА ОД 300 ЕВРА НА ТАТКОТО НА ХЕРОЈОТ МАРКО, ИСТЕКЛА РЕГИСТРАЦИЈАТА НА КАЈЧЕТО 2 МЕСЕЦИ?!