По прогласувањето на Мајка Тереза за Светица во Ватикан, во текот на оваа седмица во Македонија ќе се одржат низа настани и манифестации во рамки на татковинската прослава „Денови на Света Мајка Тереза“.
Во спомен куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје денеска ќе бидат врачени статуетки со ликот на Светата Мајка Тереза и благодарници на хумани личности и организации кои во изминатиот период се докажале во областа на хуманизамот, помагањето и намалувањето на човековите страдања. Манифестацијата ја организира Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“.
Католичката црква во Скопје денеска организира целодневно обожување, а вчера по повод канонизацијата на Мајка Тереза за Светица се одржа миса во капелата на Мајка Тереза.
Во рамки на прославата утре во Македонската академија на науките и уметностите ќе се одржи свечена академија за ликот и делото на Светицата Мајка Тереза.
Во сабота на 10 септември ќе се одржи света литургија предводена од белградскиот надбискуп Станислав Хочевар, а веднаш потоа и бдеење.
Централната прослава е планирана во недела кога на плоштадот „Македонија“ во Скопје ќе се одржи понтификална света миса предводена од специјалниот папски кардинал сараевскиот надбискуп, кардиналот Винко Пулиќ.
Организатор на прославата е Скопската бискупија, а покровител е претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Од Град Скопје најавија дека ќе ја помогнат прославата со еден милион денари.
Агнеза Гонџа Бојаџиу позната како Мајка Тереза вчера на плоштадот „Св. Петар“ во Ватикан беше прогласена за Светица од страна на поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск.
На канонизацијата присуствуваше македонска државна и црковна делегација, предводена од претседателот Ѓорге Иванов. Во состав на делегацијата беа и премиерот Емил Димитриев, министрите за надворешни работи и за култура, Никола Попоски и Елизабета Канческа Милевска, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, претставници на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и претставник на фамилијата на Мајка Тереза.
Нејзиниот чудотворен карактер беше признат од Римокатоличката црква, а церемонијата на беатификација која беше чекор кон нејзино прогласување за Светица се одржа на плоштадот „Св. Петар“ во 2003 година. Со свечената служба раководеше тогашниот поглавар на Римокатоличката црква, Папата Јован Павле Втори, а присуствуваа над 300 илјади верници.
Мајка Тереза почина на денешен ден во 1997 година во Калкута, Индија. Родена е во Скопје на 26 август 1910 година како Агнес Гонџа Бојаџиу. Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет.