Тажна вест: Ракометарот Денис Тот ја загуби борбата за животот!

Тажна вест стигна од државниот Клинички центар во Скопје. Ракометарот на Бутел, Денис Тот починал по неколкучасовната борба за својот живот, за што неофицијално јавуваат неколку медиуми во држава од извори во Клинички.

Веста не е потврдена од Клиника за реанимација, анестезија и интензивно лекување, каде што бил примен и му била укажувана потребната медицинска нега, но неофицијално хрватскиот ракометар не успеал да се избори.

Последните официјални информации оттаму ги пренесе „Фокус“, со изјава во која беше отфрлено дека Тот имал знаци на насилство на своето тело. Она што го истакнаа беше недостаток на срцева акција.

Тот бил пренесен на Карил вчераутро, според првичните неофицијални информации поради тешки повреди здобиени во тепачка во скопски клуб. Меѓутоа, во официјалниот извештај на МВР пишува дека не му биле утврдени знаци на насилство.

Тот имаше 27 години и во Македонија играше веќе трета сезона. Оваа му беше прва во Бутел, а претходно две помина во Охрид. Потекнува од Ѓаково, а во  кариерата имаше настапувано и за Адемар Леон, во шпанската лига.