Театар Комедија годинава ја свртува својата репертоарна политика кон светските класици на комедиографијата и со тоа сака да наметне еден поинаков пристап кон својот репертоар и да постави дела кои биле и ќе бидат класици на светскиот театар, посочуваат од Театарот „Комедија“ како одговор на реакциите за годишната програма на оваа национална институција.
– Кога се креираше програмата за 2017 година апсолутно природно се наметна потребата да се постави најиграната комедија од најиграниот автор на сите времиња, „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир, која е поставувана безброј пати на сцените на најголемите театри низ светот. Всушност, и поентата на светските класици е современ начин на препрочитување на вечните теми, каква што е љубовта во оваа безвременска пиеса, и секогаш е добро кога театрите низ Македонија поставуваат дела од големиот Шекспир, што како тренд се разви во текот на последниве пет години, и тоа е добро за секој театар. Ако погледнеме на трите проекти „Сон на летната ноќ“ и нивните репертоари, секако ќе видиме огромни разлики, па познавачите на театар ќе забележат дека нема никаков начин овие три претстави да се повторуваат една со друга, стои во соопштението.
Паоло Маѓели, како што се наведува, „со својата режисерска специфика и авторски пристап кон театарот, како и со современата технологија во МНТ ќе работи претстава која ќе ја истакнува магичноста на приказната, додека Театар Комедија ќе работи на најпознатата и најиграна комедија на Шекспир и во неа љубовта и комедијата ќе бидат клучен фактор на препознавање. Во Битолскиот театар (во град што е 170 километри оддалечен од Скопје) претставата ќе ја постави режисер кој е огромен познавач на ликот и делото на големиот англиски класичар, Џон Блондел, кој ќе работи на основните шекспирови принципи и со класичен пристап кон претставата, како што можевме да видиме од неговите две претстави на нивниот репертоар“.
– Поентата на класикот да се препрочитува е основното начело за создавање театар и тоа може да се докаже со овие три претстави, па така секое поставување на Шекспир треба да се поздрави како храбар чекор за секој театар, стои во соопштението од Театар „Комедија“.