Тече рокот за доставување на годишните пријави

пријави

Управата апелира граѓаните да не го чекаат последниот рок за да не се создаде метеж на шалтерите. Постапката е едноставна, но вообичаено во последните денови се создаваат турканици и нервози.

„Постапката ја завршив брзо, нема метеж“

„Не чекав многу, ја пополнив пријавата и немав проблеми“ – велат дел од оние кои веќе поднесоа годишни даночни пријави.

Данокот може да се пријави и по електронски пат.

„Граѓаните треба да ги поднесат годишните даночни пријави и да не го чекаат последниот рок, бидејќи тогаш се создава метеж на даночните шалтери. Апелираме граѓаните кои се регистрирани во системот е-даноци да ги поднесат пријавите по електронски пат“ – вели Весна Новаковиќ од Управата за јавни приходи.

Кој треба да поднесе даночна пријава?

Годишна даночна пријава до 15-ти март 2017 година задолжително треба да поднесат оние луѓе кои во 2016 година, освен плата, пензија или приход од земјоделска и самостојна дејност, оствариле и дополнителни приходи. Се работи за приходи од кирии, авторски права, индустриска сопственост, исплатена дивиденда, капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот, поединечна добивка од општи игри на среќа во износ поголем од 5 илјади денари (лотарија, електронски игри на среќа, награди или интерактивни игри), приходи од игри на среќа преку специјализирани интернет страници, приходи од интернет (е-трговија, услуги преку специјализирани страни, реклами на сопствени интернет страни), лични примања од странство за активности поврзани со работењето во Македонија, пари од ангажман во амбасади или мисии на меѓународни организации, други дополнителни приходи.

„Кај игрите на среќа би потенцирале дека се пријавуваат само оние приходи над 5 илјади денари и тоа важи за општите игри на среќа. Приходите од обложувалниците не се пријавуваат во годишната даночна пријава. Би потенцирале и дека граѓаните кои се занимаваат со електронска трговија и остваруваат приходи преку интернет треба овие приходи да ги наведат во годишната даночна пријава“ – објаснува Новаковиќ.

Граѓаните кои оствариле дополнителни приходи, а кои нема да достават годишни даночни пријави, се соочуваат со казни од 500 до 1.000 евра.

Потребно е навреме да се обезбедат документите!

Граѓаните треба да си ги знаат своите права. Работодавачот, односно исплатувачот на приходот има законска обврска најдоцна до 25 јануари да издаде збирна пресметка со вкупните износи на исплатени приходи, платениот персонален данок и придонеси за претходната година. И Фондот за пензиско и инвалидско осигурување издава збирна пресметка за годишната бруто пензија, социјални придонеси и персонален данок, а Фондот за здравствено осигурување дава збирна пресметка за годишното породилно боледување, социјални придонеси и персонален данок.

УЈП отвори дополнителни шалтери

Секој граѓанин кој е од друг град, а работи, живее или студира во Скопје може да поднесе годишна даночна пријава во Контакт центарот на УЈП во зградата на Регионалната дирекција. Пријавите можат да се достават и преку пошта на адресата на Регионалната дирекција. Даночната управа веќе отвори дополнителни шалтери во приземјето на Дирекцијата за големи даночни обврзници (зграда на ССМ), а тука се и Регионалната дирекција, даночниот шалтер во Чаир, како и мобилните даночни шалтери на УЈП. Отворен и е бројот 0800 33 000 во Инфо центарот, со цел да добиете помош од даночните агенти.

Каде се мобилните даночни шалтери?

Мобилните даночни шалтери се специјални опремени комбиња со коишто даночниците секој месец ги посетуваат оние населени места каде УЈП нема постојани даночни канцеларии. Овие шалтери на 2 март се во Центар Жупа, на 3 март во Маврово и Ростуша, на 6 март во Јегуновце, ден потоа во Желино, на 8 март се во Зелениково, на 9-ти во Сопиште, па следуваат Драчево, повторно во Маврово и Ростуша, Бутел, Петровец, Ѓорче Петров.

Обврзниците си ги исполнуваат обврските

Даночните обврзници ги си ги исполнуваат своите обврски, вели директорката на Управата за јавни приходи Анастасија Илиеска.

„Добра е наплатата на даноците зашто со пријавувањето и поднесувањето на пријавите, даночните обврзници си ги плаќаат обврските“ – вели Илиеска.

Бројот на големи даночни обврзници веќе се искачи на 435. Овие обврзници креираат 44,42% од приходите во државната каса на земјава. Овде влегуваат големи компании од нафтениот бизнис, енергетиката, металургијата, банки и други финансиски институции, јавни претпријатија, фирми кои имаат огромен удел во македонската економија и вработуваат голем број луѓе. За нив се грижи посебна дирекција.

„Бројот на фирми коишто се квалификуваат како големи даночни обврзници е за трипати поголем од 2006 година кога беше формирана дирекцијата. Ова доволни говори и за дирекцијата и за економскиот развој на земјава“ – вели министерот за финансии Кирил Миноски.

Наплатата на даноците во 2016 година се искачи на 99 проценти.