Течат партиските вработувања со несмалено темпо

Уште два месеца не делат од распуштањето на Владата, а уште неколку до предвремените избори, но сепак, продолжува серијалот на партиските вработувања во администрацијата. Во моментот се активни повеќе огласи за отворени работни места во државни институции и речиси сите министерства, меѓу кои министерството за правда, за финансии, односно во управата за финансиско разузнавање, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за здравство…, а има огласи за вработување и во дирекцијата за заштита и спасување, агенција за вработување, дирекцијата за задолжителни резерви, нафта и нафтени деривати, вработувања во археолошкиот музеј, во агенцијата за храна и ветеринарство, како и агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој.

Во огласите се бараат различни профили, од помлади референти, соработници, раководители, сѐ до инспектори, а платите што се нудат се најчесто повисоки од 30.000 денари.

Според текстот во огласот, очигледно е дека се наменети за кандидати кои веќе претходно се избрани, односно сите огласи се однесуваат на лица со претходно искуство на таа или слична позиција.

Владејачката СДСМ, додека беше во опозиција речиси секој ден обвинуваше дека администрацијата се партизира и злоупотребува за партиски цели, како и дека има превработеност во институциите под капа на државата. Се држеа прес конференции, се вадеа „докази“ , се збореше дури и во предизборниот период дека ситуацијата ќе се среди. Но, сега во улога на позиција и власт, се прави истото.