Техеран: Со именувањето на Болтон, Трамп ги смирува Израел и Ријад

Именувањето на Џон Болтон за национална безбедност докажува дека американскиот претседател Доналд Трамп „сака да ги примири ционистите (Израел) и Саудиска Арабија“, оцени во саботата ирански парламентарен функционер повикувајќи на јакнењето на врските на Техеран со Кина и со Русија.

„Користењето на радикални елементи непријателски расположени кон Иран покажува дека Американците сакаат да го засилат притисокот врз Иран“, додава Алаедин Буриџерди, претседател на парламентарната Комисија за национална безбедност и надворешна политика, кого го цитира новинската агенција Isna.

Според влијателниот ирански политичар, Техеран поради тоа „мора да ги зајакне своите врски со Кина и со Русија коишто, исто така, се под американски санкции и се соочуваат со големи предизвици, особено откако Трамп нареди воведување на царини на кинеските производи“.

Станува збор за прва официјална реакција на ирански функционер на новото именување во САД, додека министерството за надворешни работи и владата во Техерен сѐ уште не го соопштија својот став за именувањето на Џон Болтон за советник на американскиот претседател за национална безбедност.

Шеесет и деветгодишниот Болтон е политички аналитичари на телевизиската мрежа Fox кој дури размислуваше и за тоа да се натпреварува за републиканската претседателска номинација во 2016 година. Тој е познат аналитичар во Вашингтон со прилично цврсти ставови за бројни глобални предизвици. Болтон на 11-ти јануари на Twitter напиша дека истекува времето за запирање на севернокорејската нуклеарна програма. „Мораме да размислиме за многу непопуларен избор на употреба воена сила за да се оневозможат“, напиша тогаш. о времето кога Трамп се закануваше со повлекување од иранската нуклеарна програма, освен доколку Европа не се согласува на неговата измена, Болтон твиташе дека спогодбата „треба да се укине“. Покрај тоа, повика на „ефикасни противмерки во кибернетичката војна којашто ја води Русија“.

Именувањето на Џон Болтон, кој е непријателски расположен кон Иран и нуклеарниот договор меѓу Техеран и шесте светски сили во 2015 година, дојде десет дена по именувањето на Мајк Помпео, досегашниот директор на Централната разузнавачка агенција (CIA), на позицијата шеф на американската дипломатија, кој исто така има непријателски став кон Иран.

Дел од аналитичарите сметаат дека номинацијата на Болтон претставува уште еден забиен клинец во ковчегот на нуклеарниот договор со Иран, постигнат во администрацијата на претходникот на актуелниот претседател, демократот Барка Обама. Доналд Трамп уште во предизборната кампања го критикуваше овој договор, како и повеќето републиканци, како слаб кој му овозможува на Техеран да продолжи со своите нуклеарни и ракетни програми.

Иранското министерство за надворешни работи во саботата, исто така, ги осуди американските санкции против девет Иранци и една иранска компанија поради наводен обид за хакирање на стотици универзитети ширум светот, десетици компании и делови од американската влада, по налог на владата во Техеран.