Технолошкиот сектор ги повлече берзанските индекси нагоре

На Волстрит, главните акции пораснаа во четвртокот, при што Dow Jones и S&P ја прекинаа тридневната серија на загуби, додека Nasdaq скокна за повеќе од 1 отсто на побарувачката за технолошки акции на грбот на оптимизмот на вештачката интелигенција.

Њујоршкиот индекс Dow Jones порасна за 0,17 отсто, на 36.117 поени, S&P 500 зајакна за 0,8 отсто, на 4.585 поени, а индексот Nasdaq за 1,37 отсто, на 14.339 поени.

Цената на акцијата на „Alphabet“, матичната компанија на интернет пребарувачот Google, скокна за повеќе од 5 отсто откако ја објави најновата верзија на својот модел со вештачка интелигенција. Акциите на AMD, исто така, пораснаа значително, повеќе од 9 отсто, откако производителот на чипови процени дека потенцијалниот пазар за неговите чипови што се користат за вештачка интелигенција може да достигне 45 милијарди долари само оваа година.

Значителен скок на цените постигнаа и другите технолошки акции, како што се „Nvidia“, „Amazon“, „Apple“ и „Meta Platforms“. Од почетокот на годината, индексот на секторот за полупроводници во Филаделфија порасна за цели 48 отсто, најмногу поради тоа што инвеститорите имаат големи очекувања од вештачката интелигенција.

„Денеска е подемот на AMD и Google, но заразата се шири низ пазарот. Секој сака да се качи во возот“, вели Џеј Хетфилд, управен директор во њујоршото друѓтво „Infrastructure Capital Management“.

За доброто расположение на пазарот придонесоа и најновите податоци од американскиот пазар на труд, кои покажаа дека 220.000 Американци минатата недела побарале бенефиции за невработеност, помалку од очекуваното.

За нови насоки, инвеститорите во петок го чекаат објавувањето на податоците за бројот на вработени во ноември, кои треба да сигнализираат колку брзо забавува американската економија, односно кога Fed би можел да почне да ги намалува каматните стапки. Пазарот проценува дека шансите каматните стапки да почнат да паѓаат веќе во март се речиси 64 проценти.

На европските берзи во четвртокот индексите благо паднаа – лондонскиот Ftse индекс падна за 0,02 отсто, на 7.513 поени, франкфуртски DAX за 0,16 отсто, на 16.628 поени, а париски CAC за 0,1 отсто, на 7.428 поени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.