Технолошките компании на врвот на листата највредни брендови

Технолошките гиганти „Apple“, „Amazon“, „Microsoft“ и „Google“ го запоседнаа врвот на највредните брендови во 2020 година, а доминацијата на технолошкиот сектор ја потврди и растот на социјалните мрежи и комуникациите, покажува најновото истражување на консултантската компанија „Interbrand“.

„Apple“ го зазема првото место со вредност на брендот од 323 милијарди долари, според извештајот на „Interbrand“ по наслов Best Global Brands 2020. Во споредба со минатата 2019 година, тоа е раст од 38 отсто.

На второто место е „Amazon“ со брендот кој чини 200 милијарди долари, а на третото место е „Microsoft“ чиј бренд вреди 166 милијарди долари. Нивната вредност скокнала за 60, односно за 53 отсто, со што се вброија во групата брендови со најголем раст, истакнуваат од „Interbrand“.

Во групата брендови со најголем скок на вредноста се наоѓаат уште и „Spotify“, „Netflix“, „Adobe“, „Paypal“, „Salesforce.com“, „Nintendo“ и „Mastercard“.

Меѓу десетте највредни брендови се вброиле уште и „Samsung“, „Coca-Cola“, „Toyota“, „Mercedes-Benz“, „Mc’Donalds“ и „Disney“.

Меѓу 100-те највредни брендови на глобално ниво првпат се пробиле „Instagram“, „YouTube“ и „Zoom“, а се вратиле „Тesla“ и „Johnnie Walker“.

Освен што растеле брендовите на социјалните мрежи и на комуникациите, повеќе од половината од брендовите кои забележале раст имаат модел за работење заснован на претплати.

Најмногу растел технолошкиот сектор, додека малопродажбата ги почувствувала последиците од пандемијата на коронавирусот. Така, вредностите на брендовите „Zara“ и „H&M“ паднала за најмалку 6 отсто, а пад забележале и сите луксузни брендови, освен „Hermes“.

Таканречениот „ковид ефект“, пак, одел во полза на брендовите од секторот логистика, како „UPS“, „FedEx“ и „DHL“, а пораснала и вредноста на брендовите во секторот плаќања, како што се „PayPal“, „Visа“ и „Mastercard“.

Вкупната вредност на 100-те највредни брендови пораснала за 9 отсто во однос на минатата 2019 година, на 2.336 милијарди долари. Технолошките брендови сочинуваат речиси половина од вредноста на сите брендови на листата. Во 2010 година, пак, нивниот удел изнесувал скромни 17 отсто.