Телата на загинатите ќе чекаат на изготвување на акциски план

64

Почнува враќањето во земјава на повредените во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија. Првите двајца хоспитализирани во софиската болница „Пирогов“ ќе бидат отпуштени денеска, уште двајца утре, двајца на 30 ноември и едно лице на 1 декември. Повредените се во добра и стабилна здравствена состојба.

Повредениот српски државјанин, како што информира вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе биде пренесен во Србија, а нашите во Скопје, во организација на Министерството за здравство. Повредените прво ќе бидат сместени во нашите здравствени установи се додека не бидат пуштени на домашно лекување.

За преносот на посмртните останки, акциски план треба да изготви Работната група што ја формира Владата и на чие чело е токму Османи. Владата ги презема сите трошоци за транспортот и погребот на жртвите.

– Нашите очекувања се наредната недела, штом заврши идентификацијата, може да се очекува вторник или среда, со можност да се помести тој ден додека не се комплтеира идентификацијата. МНР ќе го организира транспортот на посмртните останки. Имавме средба со повеќе компании кои ќе бидат ангажирани околу тоа, а наредните денови планираме средба и со семејствата за да ги испочитуваме нивните барања за предавање на телата, рече Османи.

При дополнителениот увид што вчера го извршија истражители од бугарската Национална истражна служба во опожарениот автобус на „Беса транс“ на автопатот „Струма“ е пронајдено уште едно тело на дете. Со ова, бројката на пронајдени тела во автобусот се искачи на 45.

Заменикот окружен јавен обвинител на Окружното јавно обвинителство Перник Бисер Јорданов Михајлов и истражителот во Националната истражна служба на Република Бугарија Младен Христов Петров денеска од јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески ќе ги преземат материјалите поврзани со истрагата и со идентификацијата на жртвите во тешката автобуска несреќа во Бугарија.

Преземањето на материјалите, како што соопшти ЈО, ќе биде во 11 часот во просториите на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.