Телефонски разговор меѓу Макрон и Путин, за Сирија и Украина

Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговараше во понеделникот со францускиот колега по должност Емануел Макрон, а централни теми биле ситуацијата во Сирија и исполнувањето на Минскиот договор за постигнување мир во југоисточна Украина, соопштија кабинетите на двајцата челници.

Во разговорот кој се одржал по француска иницијатива, претседателите подробни разговарале за ситуацијата во североисточна Сирија и ја истакнале неопходноста од зачувувањето на суверенитетот и територијалниот интегрите на блискоисточната земја во која во моментов е петдневниот прекин на огнот по започнувањето на воената операција на Турција, која ја осудија и Москва и Париз.

„Владимир Путин информираше за напорите што ги прави Русија за стабилизирање на ситуацијата во регионот, вклучително и поттикнувањето на контактите меѓу заинтересираните страни и обезбедувањето на интересите на сите етнички и религиозни групи“, се вели во соопштението на Кремљ.

Притоа била истакната важноста од започнување на меѓусирискиот дијалог во рамките на Уставотворниот комитет, кој ќе биде свикан кон крајот на октомври во Женева под покровителство на Обединетите нации.

Путин и Макрон, исто така, размениле мислења и за ситуацијата во Украина, и го истакнале дека не постои алтернатива за исполнување на договорите од Минск за решавање на кризата.

„Од Киев се бара безусловно спроведување на сите договори постигнати во ткн ‘нормандски формат’ и Контактната група. Пред сѐ, тоа се однесува на повлекувањето на силите и техниката на договортените линии од линијата на контактот…, како и имплеметацијата во украинското законодавство според ‘формулата на Штајнмаер“, која подразбира и широка автономија на побунетите рускојазични региони во Украина, наведуваат од кабинетот на рускиот петседател.

Путин притоа истакнал дека следниот самит во „Нормандскиот формат“ би можел да се одржи со негова внимателна подготовка. Тоа ќе овозможи разработување нови чекори во рамките на имплементацијата на договорите од Минск, заклучуваат од Кремљ.

Од својата страна, Елисејскиот дворец соопшти дека Макрон во разговорот со Путин ја истканал големата важност за одржување на прекинот на огнот во Сирија.

„Во пресрет на средата во Сочи меѓу претседателот Путин и претседателот (на Турција, Реџеп Тајип) Ердоган, разговорот се фокусираше главно на ситуацијата во североисточна Сирија. Претседателот на Републиката ја истакна важноста од (…) изнаоѓање излез од кризата со дипломатските средства“, додаваат од службата за односи со јавноста на Макрон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.