Телефонски разговор на Заев со Столтенберг

Македонија останува посветена на демократските реформи и евро-атланската ориентација, тој правец го потврди победата на СДСМ на парламентарните избори, се истакнува во партиското соопштение во врска со денешниот телефонски разговор на партискиот лидер Зоран Заев со генералниот секретар на НАТО. Јенс Столтенберг.

 

Столтенберг упатил честитки до Заев за победата на СДСМ на предвремените парламентарни избори, велат од партијата и „изразил задоволство од тоа што во Македонија е реизбрано политичкото раководство кое со своите храбри и исправни политики ја внесе земјата во НАТО, како 30-та земја членка“.

„Со тоа е потврдена определбата на Република Северна Македонија, како членка на Алијансата, да го продолжи реформскиот пат кој значи напредок, развој и стабилност“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Особено е важно, нагласил Столтенберг, што тоа се случило „по решавањето на големи проблеми на меѓународен план и по спроведувањето на значајни реформи дома, што го потврдува демократскиот капацитет на македонскиот народ„.

Заев изразич благодарност за честитките и нагласил дека на овие избори се покажало дека граѓаните ја поддржале посветеноста и исправниот реформски курс на Владата предводена од СДСМ.

„Заев нагласи дека Северна Македонија цврсто останува посветена на демократските реформи и евро-атланската ориентација. Двајцата соговорници се согласија дека имавме достоинствени, фер и демократски избори, како што доликува на земја членка на НАТО и на земја што почнува преговори за полноправно членство во Европската Унија“, стои во соопштението.

Заев нагласил дека новата влада, којашто ќе биде предводена од СДСМ, со уште „поголемо темпо ќе продолжи посветено да работи“, особено на полето на економски напредок, на реформи во правосудниот систем, како и на политики кои ќе донесат развој и подобар живот за сите граѓани.

„Хенералниот секретар на НАТО Столтенберг порача  дека и во идниот период ќе продолжи соработката меѓу НАТО и Северна Македонија како членка на НАТО, но и соработката и поддршката во однос на надминување на сите предизвици со кои се соочуваме.Во тој контекст, тој се интересираше за состојбата со ситуацијата со КОВИД-19 и нагласи дека НАТО е тука за да помогне, секогаш кога тоа ќе биде потребно“, се истакнува во соопштението.

Заев нагласич дека во однос на коронавирусот земјата реагирала „брзо и навремено“ и „не дозволила да се оптовари здравствениот систем, како што тоа се случи во некои други земји“.