Телеком за аферата „Паразити“: Не сме државна институција, туку дел од Дојче телеком

Македонски Телеком денеска реагира на наводите изнесени од ВМРО-ДПМНЕ околу аферата „Паразити“ во која се изнесуваат плати на директори и ги отфрла како обид јавноста да се доведе во заблуда. Пред сѐ, затоа што Телеком не е државна институција, ниту директорите таму ги назначува Владата, туку е дел од Дојче телеком, соопштија од компанијата.

Ова е соопштението на Македонски Телеком:

„Македонски Телеком не е јавно претпријатие, ниту државна институција, туку една од најуспешните компании со странски капитал во земјава, која уште од 2001 година е дел од интернационалната групација Дојче телеком. Компанијата, повеќе од 20 години функционира во конкурентно опкружување со други интернационални брендови.

Позициите главен извршен директор, на која е Никола Љушев и главен директор за финансии на која е Славко Пројкоски не се позиции на јавни службеници назначени од Владата, туку високи деловни функции кои носат одговорност за целокупното работење на компанијата. Овие позиции подразбираат поседување на соодветно искуство, докажана експертиза и преземање деловни активности за постигнување резултати согласно плановите и стандардите на Дојче телеком групацијата“.