Теловска: Имаме програма за достоинствен живот во Чаир

Имаме план, имаме програма за достоинствен живот во Чаир. Знаеме како да ја намалиме невработеноста во Чаир, да ја намалиме сиромаштијата, да го подобриме квалитетот на живеење во општина Чаир, истакна на денешната прес-конференција кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од ВМРО-ДПМНЕ, Нермин Теловскa.

„Ќе се грижиме за инфраструктурата и комуналните работи; ќе направиме велосипедска патека; ќе го средиме слободниот паркинг простор; ќе ја зголемиме безбедноста на улиците; ќе се грижиме за здрава животна средина; развој на културата и туризмот; грижа за образованието и науката; ќе се грижиме за спортот и младите во општина Чаир; социјална заштита и грижа за децата, потоа за сите ранливи групи и за старите лица“, рече Теловска.

Додаде дека општината постојано ќе работи на локален економски развој.

„Со водење добра локална политика, поддршка на развојот на малите и средни претпријатија и претприемништвото, како и развојот на локалната мрежа на институции и агенции, општина Чаир ќе овозможи услови и можности за брз и модерен начин на развивање на стопанството, со цел да биде современа економска општина, во која ќе се подобри квалитетот на живеење на граѓаните“, истакна кандидаткакта за градоначалничка на оваа скопска општина.

Општината ќе вложува во инфраструктурата и комуналните работи.

Помеѓу поважните проекти кои се планирани во Општината се реконструкција на улиците „Втора Македонска Бригада“, „Ферид Мурати“, „Лазо Трпковски“, „Македонско Косовска Бригада“, булевар „Никола Карев“ (пластичарска).

Теловска истакна дека ќе се реконструираат и санираат општинските улици „Крсте Асенов“, „Никола Малешевски“, „Благоја Паровиќ“, „Павле Илиќ“, „Пере Тошев“, „Коста Абрашевиќ“, „Серaвa“, „Ордан Чопела“, „Ѓорѓи Поп Христов“, „Панче Неделковски“. Планирано е во соработка со град Скопје, да се изгради велосипедска патека од Бутел преку Чаир до Центар.

„Ќе дефинираме Стратегија за управување со општинските паркиралишта и ќе обезбедиме нејзино спроведување. Стратегијата ќе ги дефинира: условите за паркирање; поставување знаци за известување во врска со режимот на користењето на паркингот; маплата на такса и контрола на наплатата за користење на паркингот; лонтрола при користење на јавните паркинзи; отстранување и чување на возилата на посебно одредени локации; одржување на јавните паркиралишта (чистење, миење); отстранување на неисправните и нерегистрирани возила“, рече Теловска.

Истакна дека ќе се зголеми безбедноста на улиците со поставување легнати полицајци, изградба тротоари по стандард, обележување на улиците и раскрсниците и осветлување на улиците и на парковите. Ќе биде воведена автобуска линија на градскиот јавен превоз на улицата „Кемал Сејфула”.

Дел од проектите предвидуваат и обновување на парковите во Општина Чаир, враќање на зеленилото, опремување со клупи, фонтани, мини игралишта за деца и други потребни реквизити. Засадени ќе бидат најмалку 10.000 нови садници.

Планирано е поставување на подземни контејнери, субвенција за набавка на нови велосипеди за граѓаните, развој на дистрибутивнa мрежa за гас во Чаир и субвенционирање преку покривање на дел од трошокот на домаќинствата, намалување на давачки, мерки за стимулација за градба и користење во детските градинки, училишта, и други јавни установи, како и субвенции за греење со пелети

Во областа на развој на културата и туризмот предвидено е обновување на фасадата на старата скопска чаршија

„Ќе го вратиме сјајот на оваа најголема чаршија во Република Македонија од средновековен и ориентален тип. Грижа за образованието и науката, преку осовременување и унапредување на квалитетот на воспитно-образовниот процес на сите степени (во основно, средно и високо образование) и создавање кадри кои ќе бидат конкурентни на пазарот. Најважни проекти што ќе се спроведуваат, ќе бидат: изградба на спортска сала во ОУ „Јане Сандански“, реконструкција на кров и прозори во ОУ „Цветан Димов“, реконструкција на кров и санитарии во СОУ „Цветан Димов“, изградба на нов објект за потребите на ОУ „Иднина“, реконструкција на кров во ОУ „Никола Вапцаров“, реконструкција на кров и прозори во ОУ „Васил Главинов“, реконструкција на санитарии во ОУ „Јане Сандански“, грижа за спортот и младите. Ќе се стремиме младите да имаат поголемо учество во креирањето политики и во донесувањето на одлуки, со што младиот човек нема да биде само пасивен набљудувач, туку и активен фактор. Со реализирање на проектите од областа на спортот, исто така ќе придонесеме за рекреирање на граѓаните во општината. Ќе направиме реконструкција на спортската сала Партизан, со нов паркет, спортска опрема за мал фудбал, кошарка, одбојка, пинг понг и гимнастика, а ќе се изгради и СРЦ „Топанско поле“, проекти кој вклучува адаптација на базенот, спортската сала и изградба на терени за различни спортови (ракомет, кошарка, одбојка, куглана и др.)“, рече Теловска.

Во Општината планирана е изградба на две кошаркарски игралишта, а во однос на социјалната заштита, ќе работат на унапредување на положбата на ранливите групи во локалниот контекст на заедницата.

„Обезбедување на достоинствен живот на старите лица преку развој на сервисни служби, ширење на мрежата на вон институционални облици со социјално заштитна функција за лицата со инвалидност, децата без родители и родителска грижа.Нашите најважни проекти, во следниот четиригодишен период ќе бидат: пристапни рампи – право на секое лице со инвалидност, за да се овозможи достапна средина за лицата со посебни потреби во сите сфери на општественото живеење. Ќе утврдиме локација и објект за Дневен центар за деца со пречки во развој. Планираме отворање на две нови детски градинки во општина Чаир, и реконструкција и проширување на постоечките, согласно потребите. Воедно, ќе извршим доекипирање на постојните градинки со персонал, со цел поквалитетна грижа за децата во развој. Ќе го развиваме волонтеризмот, за грижа за стари, болни и изнемоштени лица“, нагласи Теловска.